Анализа: Милионски тужби, ненаплатени даноци, неоправдани вработување – ревизорски наоди за Карпош и Бутел

По објавување на детали од ревизорскиот извештај за општина Тетово, Порталб.мк објавува и наоди за работењето на други општини во земјава чие финансиско работење беше под лупа на ревизорите.

Општина Карпош: судски тужби во вредност од скоро 30 милиони евра!

Неостварени приходи и нереализирани расходи како што било планирано, на приходната страна се собрале 78% од планираното, на расходната се потрошиле 77% во однос на планот. Ревизорскиот извештај за Општина Карпош, со кој се опфаќаат мандатите на екс градоначалникот Стефан Богоев и актуелниот Стефчо Јакимовски, нотира бројни слабост во финансиското работење на општината. Голем дел од даноците не се наплатиле според планираното, како што е данок на доход од физички лица кои се занимаваат со занаетчиска дејност  за 84,6% а надоместокот за уредување на градежно земјиште за 43,75%.

“И покрај значителните отстапувања на реализираните приходи во однос на планираните, градоначалникот нема поднесено предлог за дополнително усогласување на буџетските ставки, што не е во согласност Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа“ се наведува во ревизорскиот извештај.

Оваа скопска општина која беше една од најзадолжени се соочува со сериозни судски постапки во кои се бараат милионски суми на отштета. Ревизорите откриваат дека општина Карпош е тужена во 23 постапки чија вкупна вредност изнесува 29,1 милион евра додека пак општината се јавува како тужител во 6 постапки со побарување од 2,3 милион евра.

“Бидејќи станува збор за судски постапки што се водат пред надлежните судови и до денот на ревизијата конечниот исход од истите не е познат, постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на општината во иднина и можност за повторно блокирање на сметката на Општина Карпош“ – наведуваат ревизорите.

Во 2021 та преку приватна Агенција за вработување , општината ангажирала 199 лица, од нив 95 за редовни работни задачи а 104 за одржување на јавна хигиена.  Со годишниот план за вработување во општина Карпош предвидено биле 30 вработувања во 2021 та по што ревизорите констатираат дека бројот на привремено ангажирани лица е поголем од планот.

“Утврдените состојби за начинот на ангажирање на лица преку приватните агенции за вработување, овозможуваат намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање“ се нотира во извештајот.

Од кабинетот на градоначалникот испратиле одговори до ревизорите во однос на повеќе точки – дел од тие одговори се прифатиле како известување а дел биле отфрлени.

“Ангажирањето на лица од приватна агенција е најпрво поради зголемен обем на работа и континуирана потреба од одржување на хигиена во општината“ – пишува во одговорот на градоначалникот.

Општина Бутел: и по 2 ребаланса и 4 релокации на пари – неусогласеност на буџетската каса! 

Отсуство на транспарентност и отчетност на субјектите кои добиле финансиска помош од општината, слабости при јавни набавки, резервирано мислење за вистинитоста и објективноста за дел од финансиските извештаи за работата на општина – ова се дел од заклучоците на ревизорите по увидот во општина Бутел. Скенирана е  2021 та, период кога на чело на општината биле градоначалниците Велимир Смилевски и  Дарко Костовски.

И кај оваа општина утврдено е значително отстапување на и приходната и на расходната страна како и нецелосно остварување на даночните приливи.

“Значително отстапување на остварените приходи во однос на планираните бележат приходите од продажба на неизградено градежно земјиште во сопственост на РСМ и надоместокот за утврдување на правен статус на бесправни изградени објекти за 35%“ – наведуваат ревизорите и оценуваат дека и покрај двата буџетски ребаланса и во четири релокации на средства не била надмината неусогласеноста на буџетските финансии.

Ревизорите нотираат и постапувања спротивни на закон и при намена на средства кои се наплатиле од легализација на дивоградби:

“Ревизијата утврди одредени состојби кои упатуваат на непочитување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, согласно кој средствата остварени од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, општините се должни да ги користат наменски( за донесување на урбанистичка планска документација)“

Општина Бутел по основ на надомест за легализација во 2021 та остварила приходи во износ од 77 200 евра. Градоначалникот доставил одговор до ревизорите во однос на повеќе точки , голем дел не се прифатени а има и делумно прифатени.

Извор: Порталб.мк