85% од прилозите со родови теми во телевизиите се прилози кои имаа некоректен пристап кон родовите прашања, станува збор за содржини кои користеа стереотипен, сексистички, традиционален пристап во поглед на патријархалните вредности или пак објективизирачки.
Само во 9 прилози од вкупно анализираните 412 прилози, се користеше дискурс со афирмативен пристап кон родовата еднаквост и родовите прашања или стануваше збор за покажана родова сензитивност во поглед на темата.
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја презентираше „Aнализата на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите во забавните програми на радиодифузерите во 2022 година“, изработена од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.
Анализата се однесува на 412 анализирани и обработени тематски целини или прилози емитувани во периодот од 15 мај до 16 јуни 2022 година на девет телевизиски канали на државно ниво: МРТ1, МРТ2, ТВ Алсат – М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 24 и ТВ Компани 21 – М.
Според Анализата, родовите прашања и теми, не се привлечни при обмислувањето на забавните емисии. Повеќе се инсистираше на „сензационалност“ и „традиционалност“.
Од АВМУ посочуваат дека во поглед на целокупната анализа на родовиот дискурс се забележуваше една шареноликост, но најчесто тој бил родово слеп или неутрален.
„Сепак, во одредени емисии забележлив беше несензитивен, стереотипен, патријархален, сексистички и објективизирачки дискурс. Од анализираниот примерок се покажа дека емисиите кои не беа од македонска продукција туку беа увезени продукти од странство, како што беше случајот со одредени емисии од Република Србија и Република Турција, беа емисии во кои преовладуваше стереотипност, објективизирачки и дискриминирачки дискурс во однос на родовите“, велат од Агенцијата.
Оттаму велат дека еден од позначајните наоди во анализата се однесува на односот меѓу соговорниците/соговорничките, што бил детектиран како пријателски/близок.
„Ваквиот однос меѓу соговорниците/соговорничките може да биде позитивен ако изобилува со уважување, почит и еднаквост, но тој може да се јави и како однос на блискост што би била посоодветна во приватните релации на соговорниците/соговорничките. Во пријателскиот и односот на блискост се пресликуваше говорот што луѓето го користат во приватната сфера и во тие ситуации луѓето не внимаваа во поглед на влијанието на тоа што го говорат, бидејќи тој говор обично се одвива во затворен круг на блиски пријатели. Но, кога тоа ќе се преслика и во јавниот говор, во медиумите, тогаш одговорноста е поинаква“, посочуваат од АВМУ.
Оттаму додаваат дека токму во прилозите каде се јавувало претходно познавање и блискост во комуникацијата, често се генерирал некоректен родов дискурс во форма на стереотипизација на родовите улоги, промовирање на одредени традиционални патријархални норми и вредности, како и објективизирачки дискурс.
Меѓудругото, од АВМУ препорачуваат упатства/насоки за уредниците/уредничките на телевизиите за поголема едукација, воопшто за маргинализираните групи, нивна инклузија и поголема видливост, особено бидејќи маргинализираните групи граѓани често се изоставени во забавните програми.
Дополнително, од АВМУ препорачуваат користење на родовата перспектива при обработка на теми кои можат да бидат третирани од родов аспект и кои овозможуваат родово афирмативен пристап.