Анализа на ССНМ: Една четвртина од граѓаните живеат во медиумски пустини

Една четвртина од граѓаните во Македонија распространети на повеќе од половина од територијата живеат во таканаречени медиумски пустини, покажа анализата на информативната покриеност во земјава изработена од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Медиумската пустина се дефинира како населено место без ниту еден локален дневен весник, а според оваа дефиниција, освен Скопје и Битола, сите останати населени местао во земјава припаѓаат во категоријата медиумски пустини, се објаснува во анализата.

Анализата покажува дека создавањето медиумски пустини во Македонија е постојан тренд, забрзан со опаѓачкиот медиумски пазар, влошувањето на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници, но и немањето интерес на државните институции за важноста на овој сегмент од општеството.

„Анализата подготвена во рамките на проектот ‘Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа’ финансиран од ‘Union to Union’ и Меѓународната федерација на новинари, а спроведуван од ССНМ, покажа дека создавањето на медиумски пустини во Македонија е постојан тренд, забрзан со опаѓачкиот медиумски пазар, влошувањето на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници, но и немањето интерес на државните институции за важноста на овој сегмент од општеството“, се посочува во наводите од анализата на ССНМ.

Меѓудругото, таа се осврнува на постоечката состојба со локалните и регионалните медиуми, како и дефинициите за тоа што се медиумски пустини, се обидува и да најде потенцијални решенија на овој се повеќе загрижувачки проблем.

Од ССНМ препорачуваат

  • Непрофитни новински организации: Некои непрофитни организации и фондации имаат програми за поддршка на локалното новинарство со финансирање локални новински иницијативи или создавање нови модели за одржливо известување.
  • Модели за заедничко новинарство: Регионалните соработки помеѓу редакциите или партнерствата помеѓу локални, национални и независни медиумски организации можат да ги здружат ресурсите за одржување на покривањето на локални вести.
  • Владини или политички интервенции: Некои се залагаат за владини субвенции, даночни олеснувања или други форми на јавна поддршка за да помогнат во одржувањето на локалното новинарство во недоволно загрозените области.
  • Измени на законската регулатива која се однесува на радиодифузната дејност за медиумите кои користат национални концесии, а земајќи го предвид фактот дека вршат работа од јавен интерес и користат јавно добро, да бидат обврзани да имаат јасно утврдена дописничка мрежа со цел покривање на осумте плански региони во државата.
  • Професионалните новинарски организации, како ССНМ, поактивно да соработуваат со новинарите и медиумските работници, како и со локалните медиуми со цел воспоставување основи за помош, обуки за собирање на средства, ресурси за одржливост и други модели за помош на локалното и регионалното новинарство.

Целата анализа подготвена од Орданче Костов може да се погледне на следниов ЛИНК.