Анализа на ССНМ: Законските услови не создаваат поволна клима за работа на фриленс новинарите

Иако во Македонија бројот на фриленс новинари и медиумски работници во вистинската смисла на зборот се многу малку, сепак, постојат поголем број на медиумски професионалци чијшто работен ангажман има карактеристики на оваа категорија на работници. Законските услови не создаваат поволна клима за работа на фриленсерите без разлика во кој сектор работат. Сепак, форми на овој начин на работа постојат и во Македонија и тие работници се соочуваат со различни проблеми и предизвици.

Ова се дел од заклучоците на анализата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), која отвора прашања дали и коку има услови за развој на фриленс работата во земјава и кои се начините на кои може да се отвори пазарот за ваквите ангажмани? Исто така, документот дава и препораки за тоа како да се овозможат подостоинствени и посигурни услови за работа на фриленсерите.

„Земајќи предвид дека ваквиот начин на работно ангажирање станува се поброен во некои земји, па дури и попривлечен за одредени работници (слободно време, сопствена организација, поголема слобода за истражување и слично) ССНМ смета дека е потребно да се отвори дебата за овозможување на подобри законски основи за ваквиот начин на работа, односно за фриленсерите, а притоа тие да значат и безбедна работа и соодветна социо-економска сигурност“, стои во документот „Позицијата на фриленс новинари и медиумски работници“ на авторката Маја Атанасова, издаден од ССНМ.

Од ССНМ велат дека Законот за работните односи во моментов не само што не ги признава фриленсерите, туку дури и ги казнува доколку не се јавуваат на пазарот на трудот како регистрирани трговци-поединци или останати форми на трговски друштва.

„Неопходно е во овој закон да се овозможат форми на флексибилни и краткотрајни вработувања кои нема да се регулираат само временски, туку и ќе можат да се врзат за одредена задача или активност. Особено е неопходно работодавачот да се обврзе да плати придонеси за секој тип на активност за која го ангажирала лицето, но тоа да не оди на товар на лицето, туку на товар на самиот работодавач. Односно, неопходно е законот да обезбеди обврски за минимални нето износи за ангажирање“, нагласува ССНМ.

Според Синдикатот, утврдувањето на минималните нето износи може да се изврши во соработка со соодветните грански синдикати што ја имаат сликата за вредноста на конкретната работа, можностите за заработка во секторот и секако задоволувањето на потребите за достоинствен живот.

„Веќе е неопходно Законот за работните односи да ги регулира онлајн платформите како работодавачи и на тој начин да обезбеди заштита на работниците што живеат на територија на Македонија“, велат од ССНМ.

Понатаму, дополнуваат тие, согласно истражувањето „Професионален статус и работнички права на новинарите и медиумските работници“, бројот на фриленсери и лица кои работат во медиумите со договор на дело е многу мал во споредба со лицата вработени на неопределено и на определено време.

„Ова укажува на две можности: или секторот на медиуми е добро покриен со вработување и работниците се соодветно заштитени и не се вклучуваат во фриленсерски активности, или работниците што работат како фриленсери не ја препознаваат својата работа како работа“, нагласуваат од ССНМ.

Заради зајакнување на разбирањето на заштитата на работничките права, особено на правото за пристојна работа и заработка за достоинствен живот, велат тие, потребно е постојано информирање за трендовите со укажување на корисните, но и штетните страни на опциите кои им стојат на располагање на новинарите и медиумските работници, а особено на младите лица кои штотуку влегуваат на пазарот на трудот.

„Особено е потребно да се потенцира потребата од свесност на самите работници што се ангажирани со договори за дело или авторски договори, да препознаат дали, иако не се вработени и не ги користат поволностите од работен однос, добиваат работни обврски и задачи како да се вработени“, децидни се од Синдикатот.

Во ситуација во која бројот на фриленсери во секторот е маргинално низок, велат од ССНМ, вообичаено е синдикалните активности да се насочени кон проблеми кои засегаат поголема група на работници.

„Сепак, фриленсерското работење зазема сериозен замав во различни сфери и сектори токму заради нефлексибилните закони и можноста за дополнителна заработка, поради што синдикатите мора навремено да преземаат дејства за заштита на своите членови преку информирање, залагање за соодветни и достоинствени услови за работа и заработка, и особено за гарантирање на работничките права на сите лица без оглед на начинот на кој се ангажирани“, посочуваат од ССНМ.

Инаку, документот за политики е дел од проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“, финансиран од Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.