За еден месец, во јуни во споредба со мај, вкупните депозити во банките се зголемени за 32.6 милиони евра или за 0.4%. Првото банкарско полугодие завршува во знакот на „топење“ на денарските штедни влогови на годишно ниво. Втор месец по ред штедењето во денари е со негативен предзнак. „Порталб“ со детали за состојбата на денарските депозити.
Од вкупните депозити 50.5% во денари
На крајот од првото економско полугодие вкупната депозитна база изнесува 7.38 милијарди евра. Според најновите податоци од Народната банка на месечно ниво е со раст од 0.4% а на годишна основа растот е 1.8% – што е една од најниските стапки измерени на годишно ниво од почетокот на оваа 2022. Економската криза, стравот од неизвесноста, ценовните притисоци, се одразија врз штедењето и во јуни – продолжи трендот на пад на депозитите во денари.
„Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во јуни, се намалени за 0.2% во однос на претходниот месец. Надолната промена во поголем дел е резултат на намалувањето на краткорочните депозити во странска валута, како и долгорочните депозити во денари, а во помал дел и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на забележан раст на краткорочните депозити во денари. Анализирано на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор бележат пад од 4.8%“, наведуваат од НБМ.
јуни 2022 година
Вкупни депозити 7,38 милијарда евра +0,4%
Денарски депозити (фирми) 1.33 милијарда евра -7,3%
Денарски депозити ( граѓани) 2,32 милијарда евра -6,2%
Конкретно, вкупните депозити на фирмите во јуни изнесувале 1.99 милијарда евра, од нив 1.33 милијарда евра се во денари а останатите скоро 660 милиони евра се во девизи. Во јуни кај фирмите на месечно ниво е регистриран раст од 0.9% на денарските штедни влогови.
На пресекот од првото економско полугодие домаќинствата во банките чувале скоро 5 милијарди евра – во јуни во споредба со претходниот месец депозитите се зголемени за 1% додека на годишно ниво има раст од 5.2%. Ако се навлезе подлабоко во валутната структура на депозитите на домаќинствата, податоците покажуваат дека на годишно ниво има пад на штедењето во денари за 6,2% додека на месечно ниво има раст од 0.3% при што на месечна основа е запрен мајскиот негативен тренд на пад на денарското штедење кога изнесуваше – 0.3%.
јуни 2022 година ( годишна основа)
Вкупни депозити (граѓани) 4,99 милијарда евра +5,2%
Депозити во денари 2,32 милијарда евра -6,2%
Депозити во странска валута 2,67 милијарда евра +17,8%
Може да се забележи дека годишната стапка на раст (јуни 2022 – јуни 2021) на девизните депозити на домаќинствата е двоцифрена 17.8% и таа е повисока во однос на мај кога изнесувала 17.1% на годишна основа. Вкупниот раст на штедењето на населението според податоците од банките во најголем дел се должи токму на растот на депозити во странска валута.
„Во јуни депозитите на домаќинствата забележаа раст од 1.0%, на месечна основа. Нагорната промена во најголем дел се должи на зголемувањето на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута а во услови на пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари. Годишната стапка на раст од 5.2% пред сè произлегува од зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута, при остварен пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари“, соопштуваат од НБМ.
Од вкупните депозити, 50.5 % се во денари а останатите 49.5% се во странска валута. Со цел да го стимулира штедењето во денари Народната банка во неколку наврати ја зголеми основата камата на благајничките записи – потег кој треба да придонесе кон зголемување на банкарските камати за штедење а со тоа да се стимулираат клиентите да штедат во денари.
Во зависност од сумата и рочноста на денарските депозитите, каматите почнаа да се коригираат во нагорна линија, но и натаму дел од штедните влогови на краток рок речиси се без камата. Во потрага по клиенти дел од банките веќе нудат и фиксна камата од 2% за денарски депозит до 13 месеци, кај друга банка пак (во зависност од повеќе фактори) каматите се движат од 0.05% до 0.50% . Според податоците од банките, каматите за денарското штедење се двојно повисоки во однос на каматите за девизното штедење. Просечната камата на новопримените депозити во мај се зголеми на 0.76%.