Анализа: Општина Тетово, од 2016 наваму, (не)наплата на даноци, такси…

Во континуитет, од 2014-та, општинската сметка под блокада. Општина Тетово е една од најзадолжените во државата, со доспеани а неплатени милионски обврски по различни основи. Ревизорите нотираат дека на крајот од август 2022 сметката била блокирана за вкупен долг од 6 365 000 евра. Освен за општинскиот буџет, новиот ревизорски извештај се осврнува на наплата на даноци, такси, менаџирање со јавните паркинзи, пишува Порталб.мк.

8.1 милион евра – ненаплатена комунална такса за паркинзи

Во 2016 та година општина Тетово склучила договори со 4 фирми за стопанисување со јавните паркинзи за период од 10 години. Од сите фирми , само една редовно ја плаќала комуналната такса за користење на просторот а една пак општо не била ниту обврзана да плаќа иако имала на располагање јавен простор за паркирање.

„Другите 3 организатори на паркирање воопшто не уплаќаат такса на уплатната сметка на општината од кои еден од организаторите од склучување на договорот во 2016 година воопшто не е задолжен да врши уплата на комунална такса и организатор кој не е задолжен за уплата на оваа такса се до 2019 година иако договорот е склучен во 2016 година“, наведуваат ревизорите и посочуваат дека и покрај ваквата состојба општината не ги раскинала договорите  ниту пак ги одземала дозволите на фирмите кои менаџирале со јавните паркинзи.

Ревизорите откриваат дека и тие суми што се уплаќале на име „комунална такса за паркинзи“, на општинската сметка легнувале еднаш годишно наместо на дневно ниво. Вкупниот износ на ненаплатена комунална такса за паркирање изнесува 8 100 000 евра додека во 2021 та вкупниот приход на општината по основ на наплата на комунална такса за паркинзи изнесувал 6,3 милиони евра.

Општинското ЈП „Градски паркинг – Тетово“ кое е надлежно за одржување и користење на јавниот простор за паркирање имало и обврска наплатената комунална такса да ја уплатува на општинска сметка, но и покрај оваа обврска до моментот на ревизијата  немало уплатена комунална такса по овој основ,  која за 2020 година изнесувала 34 570 евра а за 2021 година 52 300 евра.

„Градоначалникот да преземе мерки: присилна наплата на ненаплатената комунална такса по основ на користење на простор за паркирање и еднострано раскинување на договорите со правните лица кои не ја уплатуваат таксата за користење на паркинзите“

Наплата на такси, даноци

По основ на данок на имот, данок на промет и данок на наследство општината во 2021 наплатила скоро  2 милиони евра. Од друга страна  само по основ на данок на имот општината има побарувања  во износ од 4 милиони евра.

                                          Ненаплатени даноци 2021

Данок на имот                                                               4 000 000 евра

Комунална такса за фирми                                        1 844 000 евра

Ком.такса за користење деловен простор                 270 534 евра

При наплата на данок на имот и други давачки, ревизорите нотираат постапувања кои се спротивни на закон :

-нема извршено ажурирање на пазарната вредност на целиот недвижен имот на територијата на општината

– не се утврдени стапки за данок на промет и наследство и подарок. При пресметка се применуваат стапки согласно Законот за даноците ( во тек на ревизијата донесена одлука за утврдување на стапки )

-Во месец ноември 2021 година доставени се опомени за ненаплатен долг по основ на данок на имот и данок на промет на недвижности, а не се продолжени мерки за присилна наплата

Без одлука на општинскиот совет на крајот од 2018-та година Општина Тетово отпишала побарувања по основ на данок на имот во износ од скоро 560 000 евра и отпис на побарување по основ на комунална такса за фирма заклучно со 2015 во износ од 226 000 евра. Во 2022 донесена е Одлука за ажурирање и усогласување на побарувањата и обврските на Општина Тетово, со која е направен отпис на побарувања од 2005 до 2020 година во износ од 173 600 евра како и ажурирање на претплати во износ од 43 000 евра.

Тогашната градоначалничка Теута Арифи до ревизорите испратила одговор-образложение на само четири позиции. Во однос на блокираната сметка наведува „Податоците дадени за блокирањето на сметката и судските одлуки околу лимитот за функционирање на општината би требало да се доведат во корелација со останатите буџетски прашања“.

Порталб