Општините најмногу се „потпираат“ на парите што им ги дава Владата по основ на дотации-трансфери, а најголем дел од општинските буџети ги трошат за плати, придонеси и надоместоци. Драматично високите сметки за струја ги “поматија“ општинските сметки – во најава е дека училиштата се пред енергетски колапс, ако се платат сметките за струја, ќе нема пари за плати, пишува Порталб.
Оттаму посочија дека во две продолженија ќе направат анализа на буџетите на повеќе општини во земјава, со акцент на оние од Полошкиот регион кои побараа двомесечен зимски распуст за да заштеди електрична енергија.
Од кои извори се собраат пари и за што се трошат
Општина Арачиново во првите шест месеци од данок на имот имала прилив од 16 100 евра што претставува 41% реализација во однос на планот, конкретно за целата 2022 година оваа општина по овој основ планира приход од нецели 39 000 евра. Државата на оваа општина во првата половина од годинава по сите основи трансферирала 859 000 евра. На расходната страна највисок износ е одлеан за основни плати 845 000 евра а за комунални услуги потрошени се 103 000 евра. Во првата половина од годинава општина Арачиново потрошила 59 000 евра за возила.
Општина Боговиње од наплата на данок на имот за шест месеци собрала 124 500 евра што е само 32% во однос на планираните приходи по овој основ за цела година. Најголем удел во приходите и тука се државните трансфери по сите основи, заедно со дотации и донации, во износ од 1,7 милиони евра. Од наплата на други специфични даноци во општинската каса се слеале 204 000 евра На расходната страна оваа полошка општина највисок износ 1 милион евра потрошила само за плати и уште 440 000 евра за придонеси и надоместоци. За плаќање на комуналните сметки за шест месеци се потрошени повеќе од половина од парите за целата година, износ од 150 000 евра. За возила се потрошиле 6 700 евра.
Уште една општина од Полошкиот регион – Брвеница, во општинската каса највисок износ од 1.6 милиони евра се слеале од државни трансфери по различни основи а од наплата на данок на имот оваа општина наплатила 84 000 евра што е 35% реализација во однос на план. Општинската власт за плати потрошила 638 000 евра за плати и уште 271 000 за придонеси и надоместоци. Во првата половина од годинава оваа општина за возила потрошила 77 200 евра а за комунални сметки 144 500 евра – што е повеќе од половина од сумата планирана за целата година.
Општина Гостивар во првата половина од годинава од државата по различни основи, со вклучени дотации, добила износ од 6,6 милиони евра а од данок на имот наплатила 563 000 евра што е реализација од 42,5% во однос на планот за целата година. Највисок износ од 4,2 милион евра е одлеан за плати и уште 1,7 милиони евра за придонеси и за надоместоци. Преку ставката “други градежни објекти“ се одлеале 431 000 евра и уште 376 000 евра за договорни услуги.
Општина Дебар по основ на трансфери и дотации за шест месеци добила на сметка 1,9 милион евра а од данок на имот наплатила 73 000 евра што претставува 38% во однос на планираните приходи по овој основ за цела година. На расходната страна оваа општина за плати потрошила 1,3 милион евра и уште 520 000 евра за придонеси и надоместоци. За подмирување на комуналиите се платени 173 000 евра – помалку од половина од средствата планирани за сметки во текот на целата година. За возила потрошени се 2 600 евра.
Полошката општина Желино по основ на трансфери, донации и дотации за шест месеци добила и потрошила 1,7 милион евра а втор по големина приход е остварен од наплата на даноци на специфични услуги – износ од 148 000 евра. Општината највисок износ од 1,1 милион евра потрошила за плати и уште 434 000 евра за придонеси и надоместоци додека за договорни услуги во првата половина од годинава се платени 38 500 евра.
Општина Кичево во првата половина од годинава по основ на трансфери од сите ниво на власт добила 4,6 милион евра. Од наплата на данок имот се слеале 444 000 евра а износ од 975 000 е обезбеден од наплата на даноци на специфични услуги. Оваа општина на западот од земјата највисок износ од 2,9 милион евра потрошила за плати и уште 1,2 милион евра за придонеси и надоместоци. Дополнително за патни и дневни расходи се потрошиле 162 500 евра а за комунални сметки потрошена е повеќе од половина од сумата планирана за цела година – износ од скоро 550 000 евра. На расходната страна се и “договорните услуги“ во износ од 263 000 евра потрошени за шест месеци.
Од Порталб најавија дека во следната анализа ќе се скенираат податоците за општинските каси на Липково, Тетово, Сарај, Чаир и уште неколку други општини.