Банкарската 2022 година започна со пад на каматите и за депозитите и за кредитите. Каматите за штедење остануваат под 1%. Во првите два месеци од оваа година на месечно ниво депозитите се намалиле додека кај кредитирањето има раст од 0,9% во февруари, пишува Порталб. Податоците покажуваат дека граѓаните и фирмите се задолжуваат со зголемена внимателност – потврда и од банкарите дека во првиот квартал од годинава очекуваат намалување на побарувачката за кредити од страна на фирмите.
Камати на депозити – во банките лежат 7,49 милијарди евра штедни влогови…
Просечната каматна стапка на депозитите во јануари 2022 година изнесуваше 0,71%. Оваа камата е најниска што е измерена на месечно ниво од јануари 2021 та. Каматите за штедење изминатите години бележат континуиран пад – особено за новопримените депозити на фирмите. Намалување на каматите има и за депозитите на граѓаните.
Просечна камата за вкупни депозити
Депозити на корпоративен сектор 0,88%
Депозити на домаќинства 0,70%
Во јануари вкупните депозити во банките изнесувале 7,49 милијарди евра додека во првиот месец од годинава биле на ниво од 7,53 милијарди евра. Во јануари и во февруари , на месечно ниво, регистрирано е намалување на депозитната база, односно намалување на штедењето.
Вкупни депозити на недржавен сектор
Јануари 2022 година 7 531 442 463 евра
Февруари 2022 година 7 499 870 340 евра
Конкретно во февруари депозитите на месечно ниво се намалиле за 0,4% додека во јануари за 0,8% при што позначаен пад има на депозитите на корпоративниот сектор.
Вкупни депозити
Депозити на корпоративен сектор 2 107 228 525 евра
Депозити на домаќинства 4 970 826 580 евра
Само кај депозитите на корпоративниот сектор во јануари е регистриран пад од 3,1% а во февруари за 2,5%. Според анализите од Народната банка намалувањето на депозитите се оценува како очекувано за првиот месец од годината.
“Вкупните депозити во финансискиот систем во јануари 2022 година остварија месечен пад од 0,8%, наспроти растот од 2,5% во претходниот месец, што е вообичаено движење за овој период. Од секторски аспект, промената е резултат на намалувањето на депозитите на претпријатијата, при речиси непроменета состојба на депозитите на домаќинствата “ – соопштија од НБМ.
Сепак трендот на намалување на депозитната база продолжи и во вториот месец од годинава а падот кај корпоративниот сектор е последица на намалување на депозитните пари, состојба која е очекувана во услови на прелеана економска криза во која компаниите трошат од депозитите за одржување на работата, односно ликвидноста. Сепак на годишно ниво кај вкупните депозити во февруари регистриран е раст од 6,1%.
Камати на кредити – раст на кредитирањето…
Во февруари граѓаните и фирмите по основ на кредити во банките должеле 6,3 милијарди евра. За разлика од јануари кога на месечно ниво има стагнација на кредитирањето, во февруари е регистриран пораст од 0,9%. На годишно ниво кредитирањето во февруари е со стапка на раст од 8,9%
Кредити февруари 2022 година
Вкупни кредити 6 325 267 423 евра
Кредити на корпоративен сектор 3 031 085 899 евра
Кредити на домаќинства 3 263 111 831 евра
Додека каматите за штедење не можат да надминат 1% – просечната камата за кредити изнесува 4,35%.
“Во јануари 2022 година, каматните стапки на вкупните кредити на домаќинствата и на претпријатијата не забележаа промени во однос на претходниот месец и изнесуваа 5,2% и 3,5%, соодветно. Каматните стапки на новоодобрените кредити на претпријатијата и на домаќинствата се зголемија во однос на претходниот месец и изнесуваа 3,5% и 4,4%, соодветно“ – велат од НБМ.
Просечна камата на кредити (февруари 2022)
Кредити на корпоративен сектор 3,45%
Кредити на домаќинства 5,16%
Иако и сегашните камати за кредитирање се сметаат за ниски, граѓаните и фирмите внимателно се задолжувале во првите два месеци од годинава.
“Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките кредити како најзастапена категорија се зголемија за 0,5% на месечна основа, при годишен раст од 7,2%. Станбените кредити во февруари бележат месечен и годишен раст од 1,1% и 15,5%, соодветно. Кај автомобилските кредити, во февруари, е остварено месечно и годишно намалување од 2,3% и 15,6%.
Кредити на граѓаните (февруари 2022)
Потрошувачки кредити 1,7 милијарди евра
Станбени кредити 1,1 милијарда евра
Кредитни картички 163 милиони евра
Граѓаните внимателни и со задолжувања преку кредитни картички и негативни салда на тековни сметки – на годишно и на месечно ниво кредитите одобрени на кредитни картички се со пад 0,9% на месечно и и 5,7% на годишно ниво. Според последните оценки на банкарите тие очекуваа зголемена кредитна активност во првото тромесечје од годинава кое веќе заврши. Иако оваа година се очекуваше зголемување на економската активност – прогнозите сега се засенети од воената состојба во Украина, присутната енергетска криза и инфлациските движења.
Извор: Порталб