Со нови заеми дома и во странство ќе се враќаат сегашните заеми, јавниот долг ќе расте, но важно ќе биде менаџментот на позјамените пари – како и за што ќе се трошат. Ова се дел од реакциите на економските аналитичари по објавените проекции на Министерството за финансии дека Јавниот долг се очекува да се зголеми и до ниво од скоро 66% од БДП, пишува „Порталб“.
Јавниот долг ќе расте – како државата ќе ги враќа заемите …
Панедмијата остави големи негативни последици врз економијата, задолжувањата за помош на стопанството и на граѓаните беа неизбежни. Следува период во кој Владата ќе биде на тест – како да ги консолидира јавните финансии, навреме да ги плаќа обврските а притоа да не се посегне по најнепопуларната мерка – зголемување на даноците, коментираат економистите. Оценуваат дека новата Фискална стратегија за период 2022-2024 со изгледи до 2026 та коректно ги изразува проекциите на среден рок – но јавноста мора да знае и да препознае дали власта има намера да го намали државниот долг и како тоа планира да го направи , вели универзитетскиот професор Марјан Петрески за „Порталб“.
„Во поглед на проекциите сврзани со долгот, сметам дека се коректни, но недоволно ја одразуваат амбицијата за борба со сивата економија. Имено, одлучна и систематска борба со сивата економија ќе ја олесни фискалната консолидација и без преголеми промени во даночните стапки, и токму заради тоа таа е важна. Во секој случај, тенденцијата на фискалните власти мора да остане кон намалување на долгот под 60% од БДП на среден рок“ вели Петрески.
Според прогнозите на Министерството за финансии нотирани во новата Фискална стратегија, Јавниот долг ќе расте и догодина кога се очекува да достигне пик од 65,9% по што се очекува негово намалување.
Проекции – Јавен долг
2022 година 65,9%
2023 година 65,2%
2024 година 62,5%
2025 година 60,1%
2026 година 57,7%
Преамбициозни проекции за економски раст кои се потпираат на нереални прогнози за инвестициски бум – ова сценарио не навестува дека економијата одржливо ќе заздрави, а јавниот долг ќе се намалува – вели за „Порталб“ Гордана Димитриска Кочоска, економист, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.
„Кога нема инвестиции не може да се очекува и повисоки приходи во буџетот па така проекциите за јавниот долг се застрашувачки особено што не видовме владата да воведе ниту една антикризна мерка (тука мислам на антикризни мерки од типот на забрана за купување на возила, мебел и сл) во услови кога буџетскиот дефицит вртоглаво расте. Кога немате пари прво дома се реорганизирате особено ако имате и други кредити, па одите во банка по кредити. Ваквата проекција на јавниот долг е веќе сериозно загрижувачка особено кога тоа го прави влада која нема никаква визија ниту желба за работа, што ме наведува да гледам само црни сценарија. Во вакви услови отплатата на кредитите(особено што ќе следи и зголемување на каматните стапки кои ќе бидат терет плус), ќе биде исцрпувачко за буџетот“, вели Кочоска.
Рестарирање на економијата преку силен инвестициски циклус кој ќе донесе значаен економски раст – според Владата ова е планот кој ќе води кон консолидирање на јавните финансии а со тоа и намалување на долговите.
„Проекциите се дека до 2025 година долгот ќе с еодржува во овие рамки, но веќе во 2025 та и понатаму почнува да паѓа јавниот долг затоа што во суштина со целкупното гледање на сите интервенции што Владата ги превзема , Бруто домашниот производ ќе расте со стапки многу повисоки во однос на стапките на раст на Јавниот долг. Но нашите граѓани, сограѓани, нашите деца не треба да се грижат за растот на Јавниот долг се додека средствата кои ги земаме ги вложуваме за нивната иднина,“ изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи коментирајќи ја Фискланата стратегија.
Јасно е дека должничката позиција на земјава значајно се измени, “Порталб“ веќе анализираше како се движеше долгот во изминатите години – само пред само две години тој беше под 50% од БДП.
Јавен долг како % од БДП
2020 год 60,2%
2019 год 49,4%
2018 год 48,4%
2017 год 47,7%
2016 год 48,8%
Според последните податоци , заклучно со првиот квартал од годинава Јавниот долг изнесува скоро 7,2 милијарди евра или 62,5% од БДП.
Извор: Порталб.мк