Ценовниот притисок ќе продолжи и годинава. Економските аналитичари во однос на владините проценки прогнозираат повисока инфлација. Продолжената неизвесност поради војната во Украина и годинава ќе резултира со високи ценовни нивоа на примарните производи и на енергенсите пишува Порталб.мк.
Цени на нафта, метали, суровини…
Странската инфлација во раст, повисок ценовен притисок се очекува кај сите позначајни трговски партнери на земјава, особено во Германија, Бугарија и Полска. Увозната инфлација која значи поскапи производи и воопшто суровини и материјали за работа, ќе притисне и на домашната инфлација. Народната Банка ги објави првите прогнози за ценовните движења во оваа нова 2023.
Кај цената на нафтата, изразена во евра, за годинава проекциите се ревидирани нагоре.
„Ваквите движења во најголема мера се резултат на ембаргото на руската нафта од страна на ЕУ почнувајќи од декември оваа година и ценовното ограничување за морскиот транспорт на руската нафта , како и очекувањата на инвеститорите за поголемо намалување на производството на нафта од страна на ОПЕК“, наведуваат од НБМ со проценка дека во 2024 се очекува пад на цената.
Иако на истекот од 2022 та беше забележано намалување кај цените на металите, според прогнозите, годинава и овие цени ќе одат нагоре.
„За 2023 година корекциите се поголеми, при што се очекува раст, наместо пад на цената на никелот, а помал пад кај цената на бакарот. Ваквите движења кај цените на металите главно се резултат на очекувањата на инвеститорите дека Кина ќе ја напушти политиката на нулта Ковид, што би се рефлектирало со повисока побарувачка“, се наведува во новите оценки на НБМ.
Кај цените на пченката и пченицата првичните проценки се во различна насока, но засега упатуваат на пад на цените во оваа 2023-та година, па така се наведува:
„Најновите оценки упатуваат на поголем пад на цената на пченицата, а помал пад на цената на пченката. Надолната корекцијата кај пченицата во најголем дел е резултат на рекордно високото производство на пченица во Русија“.
Инфлација – прогнози
Глобална инфлација 6,5%
Инфлација во развиени земји 4,4%
Инфлација во земји во развој 8,1%
Движењата на цените на основните примарни производи и на енергенсите како и трендот на инфлација во европските економии, особено кај трговските партенри на Македонија, се пресудни за движењето на инфлацијата и во земјава како увозно зависна економија.
Растот на платите – фактор за ценовен притисок …
Инфлацијата годинава според економските аналитичари ќе изнесува 7,8% што е повисок ниво во однос на владината проекција за инфлација од 7,1%.
Во новата анкета на Народната банка аналитичарите оценуваат дека очекувањата за растечка инфлација се одраз на нарушувањата поврзани со продолженото траење на војната во Украина, односно повисоките цени на храната и енергијата, нарушените глобални синџири на снабдување, продолжувањето на поставените санкции и трговски рестрикции.
Инфлација ( владини прогнози)
2023 година 7,1%
2024 година 2,5%
2025 година 2,0%
Но аналитичарите предупредуваат дека најавата за натамошен раст на платите исто така може да биде фактор – ризик за ценовен притисок.
„Испитаниците, исто така, сметаат дека враќањето на нормалните услови на работење, закрепнувањето од пандемијата и ефектите врз потрошувачката, најавените зголемувања на платите и пензиите, како и евентуални влошувања во снабдувањето со енергија и пораст на нејзината цена на регулираниот пазар, би можеле да доведат до евентуални дополнителни инфлациски притисоци“, оценуваат економските аналитичари со очекување дека мерките на монетарната и на фискалната политика делумно ќе го ублажат ценовниот раст.
Ланската 2022 беше година во која граѓаните се соочија со историски највисоки цени, лани во споредба со 2021 трошоците на живот беа зголемени за 14,2% додека инфлацијата беше 12,6%.
Извор: Порталб.мк