Во првите два „предизборни месеци“ најголема стапка на реализација во однос на планот од 21,2% има кај буџетските расходи за „субвенции и трансфери“, а најниска, од 7,6%, има кај капиталните расходи, пишува Порталб.мк. Согласно законската регулатива, Министерството за финансии го објави првиот Предизборен извештај кој ги опфаќа првите два месеци од оваа нова економска изборна година.
Приходи и расходи во предизборие
Вкупните приходи во првите два месеци во кои се опфатени и првите две недели од распишување на изборите, според Предизборниот извештај, изнесувале скоро 670 милиони евра што претставува 13,7% во однос на планираните. Кај ставката „даночни приходи“ доминираат приходите од „Домашни даноци на стоки и услуги“ во кои е опфатен и ДДВ, во износ од 249 милиони евра и придонеси за социјално осигурување на ниво од скоро 242 милион евра. Преку ставката „неданочни приходи“ во предизборие се слеале 57,4 милион евра.
Реализација ( од 1 јануари до 28 февруари 2024)
Вкупни приходи 696 100 000 евра 13,7%
Вкупни расходи 848 837 653 евра 14,9%
Од почетокот на фискалната изборна 2024 та до крајот на февруари, буџетските расходи изнесувале 848,8 милион евра што претставува остварување од 14,9% во однос на планираните. Деталните податоци од Предизборниот извештај покажуваат дека на расходната страна највисока сума во апсолутен износ од 345,4 милион евра е исплатена по основ на „социјални бенефиции“ што претставува реализација од 17,5% во однос на планот. Преку оваа ставка, расходите до ПИОМ само за исплата на пензии изнесуваат 237,4 милиони евра. Втора „најиздашна“ ставка се „стоки и услуги“ преку која во првите два месеци се исплатиле 151,2 милион евра или 13,8% во однос на планот. Преку оваа ставка, само по основ на „патни и дневни расходи“ се потрошиле 1,5 милиони евра што претставува 11,2% во однос на планот. Највисока подставка кај „стоките и услугите“ се „договорните услуги“ во износ од 121,1 милион евра или 15% остварување во однос на планот.
Расходи Реализација
Социјални бенефиции 345 450 000 евра 17,5%
Стоки и услуги 151 225 000 евра 13,8%
Плати и надоместоци 105 909 300 евра 15,8%
Субвенции и трансфери 83 356 000 евра 21,2%
Капитални расходи 59 246 000 евра 7,6%
За исплата на „плати и надоместоци“ се потрошени речиси 106 милиони евра или 15,8 % во однос на планот а по основ на „субвенции и трансфери“ за јавните претпријатија, невладини организации, приватни фирми, земјоделци, се исплатени 83,5 милиони евра – остварување од 21,2% во однос на планот.
„Во оваа категорија најголемо учество имаат расходите за субвенции во земјоделството исплатени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во износ од 19,5 милиони евра. Управата за јавни приходи има реализирано расходи во износ од 12,9 милиони евра за поврат на мој ДДВ“, се наведува во првиот предизборен Извештај.
Во првите два предизборни месеци за „капитални инвестиции“ се потрошиле 59,2 милиони евра што претставува релизација од 7,6% во однос на планираното
„За капитални дотации до ЕЛС реализирани се расходи во износ од 17,7 милиони денари (289 000 евра)“, се наведува во извештајот.
По основ на „камати“ за заеми земени од странски и домашни кредитори, државата во првите два месеци исплатила 30,6 милиони евра.
Постоечката законска регулатива предвидува бројни ограничувања за трошење на јавните пари во периодот од распишување на избори до денот на избор на Претседател на државата, пратеници во Собранието како и до изборот на новата Влада. Едно од најважните ограничувања е дека не може да се стартува со изградба на нови проекти кои не се планирани во буџетската година во која се спроведуваат изборите. Се забранети и исплати на надоместоци кои не се дел од буџетскиот план. Според последните информации, до сега до ДКСК се адресирани повеќе од 20 претставки за прекршувања на Изборниот законик во предизборие а најбројни се оние за користење на државни ресурси за партиски цели.