Речиси не постои сектор, бизнис, дејност, услуги каде не се зголемија крајните цени за граѓаните, пишува Порталб. Во септември годинава во однос на истиот месец лани индексот на цени во угостителството е зголемен за фантастични 17,6%, индексот на цените на крајните производи во преработувачката индустрија е со раст за 25,8%. Драматично поскапување и на дел од земјоделските производи.
Драматичен раст на цените во преработувачка индустрија, ресторани
Цените на храната во маркетите се менуваат односно растат на дневно ниво. Граѓани алармираа дека ист производ во различни продавници се продава со ценовна разлика и по 10, 20 денари – што укажува дека во вакви економско кризни услови на пазарот буквално се “игра“ со цените. Поскапа храна во продавниците, на зелените пазари но и во рестораните.
„Ручек во кафана станува луксуз. Ако пред неколку месеци за две лица плаќаме максимални 1200 денари за скромен ручек, сега истиот го плативме 1 800 денари, многу е поскапено, и храната и пијалаците“ – вели еден Скопјанец.
Во септември регистрирана е една од највисоките стапки на раст на цените во угостителството – само индексот на цената на храната што се служи во рестораните и другите угостителско-сместувачки објекти е зголемен за 23,1% во однос на септември 2021 та година.
Индекс на цени угостителство (септември 22/21 )
Храна 23,1%
Печено месо (јадења по нарачка) 27,6%
Салати 26,8%
Леб 20,9%
Слатки 34,8%
Сокови 16,0%
Алкохолни пијалаци 9,6%
Податоците но и реалната состојба во секторот покажуваат дека во рестораните е поскапено се – храна, пијалаци а најголем раст на индексот на цени има кај слатките за драматични скоро 35%. Но цените во угостителството не се зголемени само на годишно, туку и на месечно ниво – конкретно само во септември во однос на август индексот е зголемен за 16%.
Угостителството е само една од крајните дејности каде се прелеа ценовниот раст од индустријата – речиси нема домашни производители кои не ги зголемија цените на крајните производи.
Конкретно, во преработувачката индустрија која опфаќа производство на прехранбени производи, на пијалаци, облека, метали, хемикалии, во август годинава во споредба со истиот месец лани, индексот на продажните цени е зголемен за фантастични 22%.
Индекс на цени – преработувачка индустрија
Производство на прехранбени производи 22,8%
Производство на пијалаци 15,3%
Производство на тутунски производи 20,7%
Производство на хартија 28,3%
Производство на хемикалии 21,4%
Драматичан ценовен раст има и тешката индустрија каде на пример индексот на крајната цена во производството на фабрикувани метални производи е зголемен за 80,8%, во производството на метали за 16% а во производство на машини и уреди за 16,5%.
Ваквите цени според производителите се последица на растот на цените пред се на енергијата но и на растот на цените на суровините за производство. Во август годинава во споредба со истиот месец лани во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација регистриран е раст на индексот на продажната цена за цели 51,1%.
Раст на цените на земјоделските производи
Ниту земјоделството не остана имуно на ценовниот притисок но според податоците – во овој сектор е регистрирана пониска стапка на раст на индексот на цени иако нивните трошоци се значајно зголемени, па дури и одделни земјоделски гранки работат со загуба. Во август во споредба со истиот месец лани индексот на трошоците во земјоделството е зголемен за 22,6% а индексот на крајната цена на производите е со раст од 11,6%. Највисок раст на цените, односно најмногу поскапеле житата, оризот и компирот.
Индекс на цени – земјоделство
Жита и ориз 53,6%
Компир 46,7%
Овошје и грозје 29,1%
Вина 16,6%
Производи од животинско потекло 23,5%
Иако дел од земјоделците ги продаваат своите производи и суровини со загуба – преку откупувачите, преработувачите па се до маркетите , нивните производи се продаваат по значајно повисоки цени.