Само 30% од општините ја исполнуваат обврската да доставуваат извештаи за состојбата со комуналниот отпад. На ниво на државата, за 13 години количината на комунален отпад се зголеми за околу 30%. Во земјава официјално има околу 1 000 диви депонии, неофицијално бројот е двојно поголем, пишува Порталб.мк. Ресорното министерство веќе мапираше регионални локации како база за складирање на отпад. Состојбата е алармантна.
И до 31% од комуналниот отпад завршува на диви депонии…
За само десет години, од 2011 до 2021 количината на отпад од пакување (што е еден од најдоминантните) е зголемена за цели пет пати – се наведува во новиот Извештај за животната средина 2022 на Министерството за животна средина. Алармантни се податоците дека дури и до 31% од комуналниот отпад завршува на диви депонии.
„Од 19% до 31% од комуналниот отпад се отстранува на неконтролирани депонии, додека од 69% до 81% на контролирани депонии“ – се наведува во извештајот.
Загрижувачки се и податоците за ниското ниво на рециклирање на комуналниот отпад кој преку овој процес може да се претвори во ресурс. Заклучно со 2013 та стапката на рециклирање била 0,18%, а од 2014 се искачил на 0,48%, каде и се задржала неколку години.
„Во претпоследните две години стапката се намали и изнесува 0,2%,речиси исто колку што изнесува и во соседството односно во Србија (0,3%), но е далеку од европскиот просек кој изнесува околу 46% во 2017 година. Во 2021 има делумен пад во процентот на рециклирање на комуналниот отпад кој изнесува 0,7%“ – покажуваат податоците од ресорното министерство.
Пооптимистички се параметрите за рециклирање на отпад од пакување – помалку од половина или 40,9% се рециклира, највисок процент кај хартијата, потоа стаклото, металот, пластиката а најнизок процент на рециклирање има кај дрвото.
Опасен отпад – само 5% се преработува
Далеку од целта – ваква е оценката во извештајот кога се работи за комуналниот отпад но и за опасниот отпад. Количината на овој вид на отпад се менува на годишно ниво, но според анализата на министерството, намалувањата во одредени периоди се поради тоа што некои од компаниите не доставиле извештаи за создадената количина на опасен отпад.
„Во 2021 година 154 деловни субјекти доставиле извештај за видот и количината на опасниот отпад кој го создаваат. Напоменуваме дека последната година постои благ пораст како на количината како и на бројот на фирми кои доставиле извештај, но укажуваме дека постои проблем во однос на можност од несоодветна класификација на отпадот како опасен отпад, поради отсуство на познавање на составот на отпад и негова верификација од надлежна лабораторија“ – нотираат од министерството.
Каде и како завршува опасниот отпад? Фирмите пријавиле дека од 66% до 97% од овој вид отпад времено се складира а преработката изнесува само 5%.
Медицински отпад
За десет години, од 2011 до 2021 количината на медицинскиот отпад е зголемена за дури шест пати достигнувајќи количина од 1.208,86 тони предаден отпад за понатамошно постапување, неутрализирање и уништување.
“Од ова може да се заклучи дека се зголемил и бројот на создавачите на опасен медицински отпад, кои согласно регулативата во областа на управување со медицински отпад се обврзани да доставуваат еднаш годишно извештај за постапување со отпадот“ – се наведува во извештајот со нотирање дека најголем удел во овој тип на опасен отпад има инфективниот отпад: “Треба да се нагласи дека прикажаните количини на отпад не претставуваат и вкупни количини на создаден медицински отпад на ниво на државата“ .
Поради ваквата состојба се препорачува:
„Подобрување на управувањето со медицински отпад, кое подразбира подобра сепарација на различни фракции на медицински отпад со адекватни системи за собирање, транспорт, третман и финално отстранување“.
Извештајот за животна средина е влезен во собраниска процедура за усвојување. Министерството за животна средина мапираше локации во повеќе региони за складирање на отпад. Во тек се разговори со локалните власти.
Извор: Порталб.мк