Заострената монетарната политика се одрази врз каматите на кредитите – банките ги зголемија што е еден од факторите за заострување и на условите за кредитирање. Банкарите очекуваат дека овој тренд ќе се одржи до крајот на оваа година. На 31 октомври вкупната кредитна задолженост на граѓаните и на фирмите надмина 6,7 милијарди евра, пишува Порталб. Зголемените камати но и провизии ја забавија побарувачката за кредити од страна на домаќинствата.
Кредитирање на фирми
Компаниите во банките по основ на кредити се задолжени со 3,2 милијарди евра, сума која постојано расте и на месечно и на годишно ниво. Во октомври кредитната задолженост на фирмите на месечно ниво се зголемила за 1% додека на годишно за 12,9%.
Кредити на фирми
Кредити во денари 1 915 300 000 евра
Кредити во странска валута 1 330 050 000 евра
Вкупно 3 245 350 000 евра
Скоро 70% од кредитите се денарски а останатите 30% во странска валута. Банкарите во последната анкета на Народната банка оценуваат дека побарувачката за кредити од страна на фирмите се зголемена но дека условите за кредитирање се заострени поради повеќе причини а една од нив е и растот на каматите како последица на затегнатата монетарна политика.
„Банките укажуваат дека каматната стапка, барањата за обезбедување и некаматните приходи предизвикуваат нето-заострување на кредитните услови, посилно во споредба со претходната анкета“ – се наведува во анкетата.
Поголема побарувачка за кредити има од страна на малите и среди фирми и тоа во најголем дел за краткорочни кредити додека кај големите фирми побарувачката е насочена кон долгорочни кредити.
Кредити за граѓани
Се зголемува и кредитната задолженост на граѓаните, на крајот од октомври домаќинствата во банките должеле 3,2 милијарди евра. На годишно ниво растот изнесува 7,5% додека на месечно 0,5% што покажува тренд на забавување на кредитната изложеност на граѓаните. Сепак од почетокот на годинава до крајот на октомври кредитната задолженост на домаќинствата е зголемена за скоро 209 милиони евра.
Кредити на домаќинства
Кредити во денари 1 837 000 000 евра
Кредити во странска валута 1 409 000 000 евра
Вкупно 3 246 000 000 евра
Граѓаните најмногу должат по основ на потрошувачки кредити, износ од 1,8 милијарди евра и за станбени кредити износ од 1,2 милијарди евра. По подолг период на олеснети услови за кредитирање, по одлуката на Народната банка за затегнување на монетарната политика и банките ги заострија условите за кредитирање на населението и очекуваат овој тренд да продолжи до крајот на оваа банкарска година – пред се преку повисоки камати но и провизии. Дел од банките веќе соопштија дека ги зголемуваат провизиите.
„За четвртиот квартал од 2022 година, банките очекуваат изразено нето – заострување на кредитните услови кај кредитите на домаќинствата. кај каматната стапка и на станбените кредити и на потрошувачките кредити се забележува заострување, за разлика од подолгиот период на нето-олеснување. Исто така, провизиите (кај станбените кредити) укажуваат на умерено нето-заострување“ – се наведува во анкетата на Народната банка.
Раст на каматите
По зголемување на каматите забележано е намалување на побарувачката на кредити – тренд кој банкарите очекуваат да продолжи и во ова последно тромесечје од годинава.
„Во четвртиот квартал од 2022 година, банките очекуваат натамошно нето-намалување на побарувачката на кредити од страна на домаќинствата“ – соопштува Народната банка.
Просечна камата на кредити
Вкупни кредити 4,40%
Новоодобрени кредити 4,44%
-фирми 4,36%
-домаќинства 4,58%
Каматите на вкупните новоодобрени кредити се зголемија на 4,44%, за фирмите достигнаа 4,36% што е највисока стапка од октомври 2021 година. На каматите за кредитите за домаќинствата во октомври во однос на септември има мало намалување, со што каматната стапка на новоодобрените кредити беше на ниво од 4,58%.
Токму во октомври годинава е регистрирана и највисоката преосечна камата на вкупните кредити во однос на изминатата година ( од октомври 2021) која достигна 4,40% На крајот на октомври вкупната кредитна задолженост и на граѓаните и на фирмите изнесува 6 734 000 000 евра.
Извор: Порталб.мк