Само за една година, значајно зголемување на каматите на новоодобрените кредити за фирмите, просечната камата надмина 5%. Зголемени и каматите за минусните салда на трансакциските сметки, пишува Порталб.мк. Расте бројот на банкари кои го следат сигналот од НБМ за раст на каматите – тој број го достигна нивото од кризната 2008 година.
Каматите на кредитите за фирмите надминаа 5%
Февруарски, дел од банките испорачаа „подебели“ камати за минусните салда на кредитните картички. Клиент на една од водечките групации вели дека овој месец платил дури 140 денари или 2,3 евра повеќе во однос на јануари за минусното салдо на тековната сметка од околу 80.000 денари. Во овој пример, на годишно ниво, само за камата, трошокот од 8.000 денари се зголемува на 9.600 денари.
„Непријатно се изненадив кога видов колку е зголемена каматата за минусот на трансакциската сметка. Секој месец за одржување на трансакциската, банката ми наплаќа по 40 денари, тоа се уште скоро 500 денари годишно и уште 70 денари за електронско банкарство секој месец или во текот на годината уште 840 денари. Овие давачки се големи, провизиите, каматите се` оди нагоре“ – вели скопјанец кој е клиент на една банка.
По повеќекратното зголемување на основната камата од страна на НБМ банките веќе ги известија клиентите дека се зголемија и каматите за кредитите, со фокус на долгорочните и на станбените кредити но и на минусните салда на трансакциските сметки.
„Имам станбен кредит со рок на враќање од 20 години во една банка. Првите три години плаќав фиксна камата и потоа ми пресметуваат нова камата но сега кога видов колку многу е зголемена сакам кредитот да го префрлам во друга банка со поповолни услови“ – вели друг скопјанец.
Најновите податоци од НБМ покажуваат зголемување на каматите за кредитите. На крајот од минатата година каматата за вкупните кредити достигна 4,44%, а на новоодобрените 4,83% и токму кај нив има поголем раст во однос на крајот од 2021 година.
Каматни стапки
2021 декември 2022 декември
Новоодобрени кредити 3,61% 4,83%
-фирми 3,22% 5,02%
-домаќинства 4,34% 4,38%
Ова покажува дека компаниите со почетокот на оваа година плаќаат значајно повисоки камати во споредба со периодот од пред една година. Банкарите очекуваат заострување на условите за кредитирање на компаниите на почетокот од оваа година.
„За првиот квартал од 2023 година, банките очекуваат натамошно нето-заострување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити. Кон нето-заострување на кредитните услови влијаат „согледување на ризикот“, факторот очекувања за вкупната економска активност и факторот очекувања за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието како и перспективата на поединечните фирми“ – оцениле банкарите во најновата анкета на НБМ.
„Реприза“ на кризната 2008 – банкарите ја „слушаат“ НБМ
Анкетата на НБМ овој пат открива интересен тренд – расте процентот на банкари кои ги следат сигналите од НБМ за затегнување на монетарната политика, и тој број го достигна нивото од кризната 2008 година.
„Слично како и во периодот од 2008 до 2010 година, и во оваа анкета, околу 21% од банките одговориле дека монетарната политика значително влијаела врз условите за кредитирање на корпоративниот сектор, што укажува на засилен пренос на промените во монетарната политика врз каматната политика на банките.
Затегнатата монетарна политика која значи поскапи кредити ја чувствуваат и граѓаните. Просечната камата на новоодобрените кредити за домаќинства на крајот од декември 2022 година достигна 4,38%.
„За првиот квартал од 2023 година, банките очекуваат изразено нето-заострување на кредитните услови кај кредитите на домаќинствата“ – се наведува во новата анкета.
На 1ви јануари година стапи на сила Закон за платежни услуги и платни системи со кој меѓу другото банките се обврзуваат транспарентно да ги објават сите трошоци кои ги имаа клиентите и по кои основи. Така банките информираат:
–Банката пресметува и наплаќа надоместоци, трошоци, провизии и каматни стапки под услови, во рокови и на начин утврден во Тарифникот.
–Усогласувањето на каматната стапка за дозволеното пречекорување ќе се врши на шестмесечна основа, на 1 јануари и на 1 јули секоја година
Новото законско решение треба да ја зголеми конкурентноста во банкарскиот сектор што пак треба да донесе пониски провизии за граѓаните.
Извор: Порталб.мк