Анастасија Ѓурчинова за преводот на „Интимен живот“ ја доби наградата „Драги“

Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја доби Анастасија Ѓурчинова, за преводот од италијански јазик на делото „Интимен живот“ од авторот Николо Аманити во издание на „Антолог“.

Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Зорица Николовска, претставник одбран од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Владимир Јанковски, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“.

Покрај Анастасија Ѓурчинова, меѓу финалистите беа и Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на „Бегемот“, 2024 година, Екатерина Бабамова за преводот од англиски јазик на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на „Артконект“, 2023 година, Елисавета Поповска за преводот од француски јазик на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на „Илика“, 2024 година и Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, изднаие на „Паблишер“, 2023 година.

Комисијата едногласно донела одлука наградата да ѝ се додели на Анастасија Ѓурчинова.

„Станува збор за превод кој на мошне суптилен начин ги задржува стилските карактеристики на книжевниот дискурс на Николо Аманити, умешно вклопувајќи ги во стилските, лексичките и синтаксичките можности на македонскиот јазик. Преводот на Анастасија Ѓурчинова се карактеризира со прецизност и верност кон оригиналниот текст, со огромна почит кон стилот на авторот. Таа вешто ги пренесува културните и јазични нијанси, одржувајќи ја специфичната динамика и литерарниот тон на делото. Онака како што Аманити мајсторски го користи јазикот во своите дела, така и Ѓурчинова тоа мајсторство го транспонира во нејзиниот превод. Текстот е јасен и се чита природно, динамично, без јазични пречки. Вешто пренесувајќи ги емоциите и атмосферата, преводот му овозможува на читателот да доживее искуство слично на она што го нуди оригиналот. Како последица на тоа, преводот на „Интимен живот“ предизвикува и големо читателско задоволство“, стои во образложението на жири-комисијата.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951- 2022) – писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Целта на наградата
е да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела во македонската култура.

Германскиот професор и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашнaта интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Романот на германски јазик го објави издавачката куќа „Гуголц“ од Берлин.

Бенјамин Лангер за преводот на „Пиреј“ на германски јазик е добитник на наградата „Драги“