Андоновски: Укинувањето на балансерот за вработувања по етничка линија ќе се одвива во фази

Новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска зборуваше за укинување на т.н. балансер. Односно, дека тој процес ќе се одвива во фази.

„Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот – соодветна и правична застапеност на етничките заедници“, рече денеска Андоновски.

Тој нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Според него, стручноста ќе биде пред изборот на етничката припадност.

„Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот – соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак“, изјави Андоновски по денешната средба со новинарите.

Министерот посочи дека бројките во дигиталната алатката балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година.

„Тоа значи дека лицата попишани во држави во странство нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Македонија. Времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото и сето тоа со почитување на темелните вредности на Уставот“, потенцираше Андоновски.

Тој денеска зборуваше и дека под надлежност на Министерството за дигитална трансформација ќе влезе и Управата за водење матични книги.

„За да постигнеме целосно дигитализација на услугите и сите услуги да бидат достапни преку порталот e-uslugi, но и сите да бидат дигитализирани ќе биде потребна целосна дигитализација на Управата за водење на матичните книги. Сметаме дека надлежноста за Управата треба да ја има онаа институција која што во своја надлежност го има регистарот на населението, а по новиот Закон за организација и работа на органите на државна управа ние ја имаме и надлежноста за раководење и дигитализација на матичните книги. Затоа треба Управата да биде под надлежност на Министерство за дигитална трансформација“, прецизира Андоновски.

Исто така, додаде тој, ова министерството ќе дава и идеи околу регулацијата на медиумите.

Би бил тежок збор да кажам регулација на медиумите, но наша заложба како Министерство ќе биде на една маса да успееме да ги седнеме претставниците на здруженијата на медиумите, претставниците на сопствениците на медиумите и сите заинтересирани страни во процесот и да донесеме закон или легислатива што ќе одговара на сите овие страни и минимум стандарди што ќе треба да ги исполнуваат електронските медиуми. Не сакаме да наметнуваме решенија во делот на медиумите, сакаме решенијата да произлезат од фелата, од новинарите и секако од радиодифузерите“, истакна Андоновски.

Како што кажа, Министерството ќе се заложи и за фриленсерите и за регулација и признавање на работата од далечина, односно од дома, за да немаат проблеми фирмите со инспекциите поради обврската вработените да се регистрираат со електронски картички за присуството на работното место за компаниите со над 50 вработени.