Ангела Бушеска: Огромна радост е да го видам моето име рамо до рамо со иноватори кои го менуваат светот

Деветнаесетгодишната Ангела Бушеска од Струга се вброи меѓу 40-те најдобри тинејџери кои работат на иновации и проекти за подобра иднина. Таа се најде како авторка на апликација која им овозможува на граѓаните да се информираат колку CO2 емисии спасуваат со различни превозни средства и што се крие позади нивните омилени брендови.

Ангела Бушеска

Оваа листа од 2008-та година ја објавува фондацијата „Ние сме семејство“ („We are family“), чиј основач е славниот гитарист и продуцент Најл Роџерс и има за цел да докаже дека никој не е премногу млад за да направи промена во општеството.

„Процесот на селекција започна уште во јануари, кога над 1000 тинејџери беа номинирани за влез во трката. Јас ја имав честа да бидам номинирана од фондацијата на музичката ѕвезда Шон Мендез и асоцијацијата Global Changemakers, како резултат на наша претходна соработка. После пет месечен процес со бројни интервјуа, чест ми е што процесот имаше успешен завршеток“, раскажува Бушеска за Радио МОФ.

Освен апликацијата, EnRoute во текот на изминатата година прерасна во интернационално движење, кое има свои претставници во над 50 земји на 6 континенти. Заедно со нејзините амбасадори креирале голем број работилници каде обучуваат млади луѓе да живеат еколошки настроени.

Навраќајќи се на почетоците, Бушеска вели дека кога ја започнувала апликацијата, немала програмерски способности, но желбата била поголема од изговорот.

„Главната инспирација за нејзино создавање доаѓа од самата пандемијата. Иако пандемијата е катастрофа од светски размери –  сите се бориме против неа преку минорни нешта како што се носење на маски и миење раце. Од друга страна, најголемиот предизвик кој ја напаѓа планетата Земја се климатските промени. Бидејќи не сакаме да преживуваме уште една ваква криза, зошто да не ја основаме промената врз истиот принцип и не ја искористиме моќта на малите активности за големи промени?“, размислува младата иноваторка.

Според неа, во апокалиптична година како 2020, се што им е потребно на луѓето е упорност, храброст и силна доверба дека нивниот глас може да направи разлика.

„Огромна радост е да го видам моето име рамо до рамо со бројни иноватори кои го менуваат светот. Покрај самото признание, ќе имам можност да учествувам на Three Dot Dash самитот, кој се одржува во Њујорк, но поради пандемијата ќе биде пренесен онлајн“, најави Бушеска.

Секој може да ги искористи своите знаења за да создаде подобро утре

Апликацијата на Бушеска досега ја презеле над 3500 корисници од најразлични земји во светот, меѓу корисници од 14-30 години и со тоа биле заштедени над 100.000 кг CO2 емисии. Ова и дава надеж за посветла иднина.

„Јас силно верувам дека секој може да ги искористи своите знаења за да креира подобро утре. И никогаш не треба да се обесхрабруваме, бидејќи се додека успееме да мотивираме или да го промениме животот на една личност, нашата мисија била успешна“, вели Бушеска.

Таа предупредува дека климатските промени се проблем чии последици само што започнале да се чувствуваат и ќе бидат пострашни во годините кои следат.

„Иако државата треба да стави поголеми напори за исполнување на своите еколошки цели, секој од нас мора да придонесува преку своите секојдневни активности. Купувајте помалку синтетички производи и избегнувајте ги автомобилите. Во 2019, транспортот и брзата мода беа едни од најголемите создавачи на CO2 емисии. Да не дозволиме после завршување на пандемијата тоа повторно да се случи“, порачува Бушеска.

Младата стружанка своето образование ќе го продолжи во Пенсилванија, САД каде ќе студира инженерство и компјутерски науки. Причината за да учи во странство, вели таа, е можноста за истражување и продлабочување на нејзиното знаење, но пред се запознавање на луѓе од целиот свет.

„Никогаш не се откажувајте. Силно верувам дека иако годинава сум првата Македонка на оваа листа, нема да бидам последна!“, заклучи Бушеска.

Апликацијата EnRoute на која таа работеше е достапна за iOS и како веб верзија.

Е.П.