Англичанец во Северна Кореја ја запознава најзатворената земја од друг агол

Северна Кореја го плаши светот со своите нуклеарни тестирања и закани за испалување на проектилите. Токму затоа британски студент одлучил дека е време да се спријатели со Севернокорејците, луѓето кои живеат таму, или барем да ги запознае подобро, пишува Еленор Дан за ВВС.

„Многу ни е лесно да ја обележиме Северна Кореја како „забранета“, „затворена“, „луда“, „напатена“, но јас сакам да ја тргнам таа бариера која ние ја создадовме, барем на една минута, и да ја покажам Северна Кореја во право светло кога станува збор за луѓето во неа“, вели 24-годишниот Бенџамин Грифин.

Пред неговата прва посета на Северна Кореја пред четири години, неговото знаење за земјата било ограничено на „еден документарец и неколку клипови на Јутјуб“. Затоа, патувањето со Јуче Патни услуги, официјално одобрена туристичка агенција, му ги отворило очите.

_96266582_teaching976

„Кога првпат го видов Пјонгјанг во 2013 година, очекував армија војници насекаде каде одев. Како да не ги гледав како вистински луѓе“, вели тој.

Наместо тоа, гледал луѓе кои одат на работа, пазаруваат, јадат, танцуваат во паркот. На некој начин, секојдневниот живот го изненадил.

„Вистината е, во секојдневниот живот како жител на Пјонгјанг, тие не се загрижени за тоа како да го поразат империјализмот на САД или колку е злобен капитализмот. Тие се грижат за нешта како, „Каде да одам на шопинг денес? До каде сум со работата? Ќе се омажи ли ќерка ми?“.

Наредната година, како 21-годишен студент, се вратил да волонтира како професор по англиски јазик на туристичкиот колеџ во Пјогјанг.

_96277163_students976

Потоа, станал квалификуван туристички водич на Јуче и создал „студиска тура“ за луѓе од сите возрасти или националности, кои можат да помнат три недели во Универзитетот Ким Ил-Сунг во јули.

Учесниците ќе спијат во студентски домови и ќе учат корејски четири часа на ден. Остатокот од времето ќе го поминуваат на тури за разгедување со водичи, а ќе учествуваат и во активности како пливање, народни танци и фудбал, каде ќе можат лично да се запознаваат со Севернокорејците, но со оние кои биле внимателно избрани за оваа улога.

„Никако не треба да ги простиме проблемите на Северна Кореја, но треба да имаме некое основно ниво на взаемно разбирање. Образовниот туризам е еден чекор кон тоа“.

„Не сакам да престанам да бидам критичен, но е многу значајно и да дознаеме кое е јадрото на земјата и што луѓето таму ценат. Секако, политиката постои – имаат нуклеарни тестирања, незамисливо прекршуање на човековите права – но, важно е да се фокусираме на меѓучовечките интеракии. Има многу што да се каже во таа размена на информации, како и да се случи“, вели тој.

Грифин не ги одрекува реалностите на животот во Северна Кореја – сиромаштијата на изгладнатите луѓе во селата и култот на личноста изграден околу врховниот лидер и неговото семејство. Во Пјонгјанг, град резервиран за семејствата на елитата, луѓето вообичаено работат шест денови во неделата, по 10 до 12 часа на ден. Недела е посветена на „одмор и волонтерска работа“, како косење на тревата и проби за масовни танци.

_96277168_dancing976

„Нема многу време за да се биде сам“, вели Грифин.

Но, и покрај пропагандата која го напаѓа западниот империјализам, некои Севернокорејци се заинтересирани во западната култура, вели Грифин. Брендовите на облека како Најк и Адидас, и оригинални и лажни, го наоѓаат својот пат вдо земјата, а студентите од привилегираните семејства на кои Грифин им предавал во 2014 година, се запознаени со западните пејачи и филмови.

„Се сеќавам дека ме прашуваа за Бијонсе, за некој фустан кој го носела на доделување на награди. Немав поим од каде добиле таква информација. Дури имаа гледано некои американски и британски филмови кои јас ги немав!“, раскажува Грифин.

Класот не бил навикнат да гледа чудовишта на екранот, па некои се сокриле под бироата кога им пуштил клип од филмот „Автостоперски водич низ галаксијата“.

Одржувањето на дисциплината не било проблем со кој Грифин се соочил.

„На почетокот беа толку мирни – кога ќе влезев во собата веднаш престануваа со зборување и застануваа. Им велев, „Дечки, не мора да го правите тоа“. И потоа веднаш едногласно ќе речеа, „Добро утро, професоре Бен“.

„Но, тоа почна да се менува кога се сретнав со неколкумина од нив низ Пјонгјанг. Ми раскажуваа за нивните момчиња, или каде одат да ручаат. Многу сакаа да им кажува англиски брзозборки и ме снимаа на мобилните телефони“.

Караокето е многу популарно кај колегите на Грифин. Некогаш излегуваат на пеење во Пјонгјанг, но Грифин се сеќава и на долгите патувања со минибус кога водачите со кои патувал пееле цел пат.

„Имаше две млади жени и едната од нив имаше навистина прекрасен, ангелски глас. Потоа другата стана – неодамна го имаше гледано Титаник. Околу десет минути бевме заглавени во минибусот слушајќи ја најкрескавата, најизвадена од ритам верзија на „My Heart Will Go On“ која можете да ја замислите. Очигледно сакаше да ја искористи можноста да пее пред странците“.

„Беше многу тешко да не се смееш. Во такви моменти навистина си вон политиката на минута-две. Тоа е само личност – не е страшен Севернокореец“.