Дали се финансиски злоупотреби причина за постоење на стационарот Вардариште? – прашуваат од здружението за заштита на животните, Анима Мунди. Тие направија анализа на тоа колку чини третирањето на кучињата во „Вардариште“, во која забележуваат дека сумите што се трошеле се неколкукратно повисоки од реалните пазарни цени. Анализата ја пренесуваме во продолжение:
Третманот на бездомните животни во град Скопје по сè изгледа не е скап за Градот и жителите на Скопје (кои го плаќаат преку сопствените даноци), но би бил скап за многу други европски и светски метрополи. Иако до сега финансискиот аспект на работењето на Вардариште не претставувал наш основен интерес, туку исклучиво заштитата и хуманиот третман на животните, преку анализа на финансиската состојба и фактури за извршување на ветеринарни услуги кои се исплатени кон Ветеринарната болница ДОО Скопје доаѓаме до заклучок дека третманот на секое поединечно куче чини нереално многу пари и претставува отворена можност за финансиска злоупотреба.
Поточно, третманот на едно бездомно куче во градски стационар нè чини многукратно повеќе од третман на куче со сопственик, приватно однесено во најскапата ветеринарна станица во државава, каде што наместо третман во епидемиско дувло и сместување во стари валкани боксови полни со фекалии би добило беспрекорен и луксузен третман – без опасност цревата да му излезат од утробата, без да умре во најтешки маки од несоодветна операција или комплетна негрижа. Без можност од него на крај да остане само бројка која лесно може да се прикрие или лажира.
Информираме дека благодарение на Драгана Велковска, советничка во Советот на Град Скопје, за првпат ни станаа достапни фактури исплатени на Ветеринарната болница ДОО Скопје која што екслузивно и со години наназад ги добива тендерите за работа со Градот, независно од тоа што настапува со цени повеќекратно повисоки од секоја ветеринарна болница во Македонија – иако се работи за третман на илјадници бездомни кучиња порадишто, без сомнение, цените би морало да бидат далеку пониски за Ветеринарна болница ДОО Скопје да биде конкурентна на пазарот. За можните финансиски малверзации и за месеците поминати во неуспешни обиди за пристап до клучна документација, Драгана Велковска говори во своето излагање во Советот при што беше очигледна комплетната индиферентност на останатите присутни. Прашуваме, ќе се молчи ли за потенцијалниот криминал и очигледно оштетување на буџетот на Град Скопје?
Информираме дека само за да се погледне едно куче, Ветеринарната болница ДОО Скопје на својата сметка добива околу 700 мкд, а за да се прочисти животното од внатрешни паразити се плаќа износ 5 пати повисок од пазарниот – колку што на пазарот чини прочистување на шталско теле или пасно говедо.
Информираме дека пластичните ушни маркички, оние жолтите со кои е обележано секое третирано куче, Ветеринарна болница ДОО Скопје од Градот ги наплаќа 1.188 денари – значи ги наплаќа поскапо од еден микрочип. Колку за споредба, за обележување на кучињата се користат истите маркички за обележување овци и тие чинат 120 денари по парче ако се обележуваат околу 100 овци, а во Вардариште се обележуваат околу 1.000 кучиња.
Информираме дека болницата секое куче го тестира за лишманија, тест кој ако го направите приватно како физичко лице (со титар) би платиле 700 денари. Без титар услугата чини околу 600 денари и толку Ветеринарен институт ѝ наплаќа на Ветеринарна болница ДОО Скопје за услугата. Но,Ветеринарна болница ДОО Скопје од Градот истата услуга ја наплаќа 1.600 денари.
Информираме дека бруталноста и алчноста одат до таму што еутаназии се извршувани и на единки на кои претходно им била извршена стерилизација или кастрација – значи се наплатиле голем број услуги од буџетот обезбеден од парите на граѓаните, животното се изложило на стрес, страдање, физичка болка за на крај да се убие.
Сумарно, само ветеринарен третман за едно бездомно куче чини најмалку 100 евра денарска противвредност, а кога ќе се додадат трошоците за негово заловување, сместување, храна; кога ќе се додадат сите комунални трошоци поврзани со стационарот и неговото одржување, кога ќе се додаде исплата на плати, стационарот на Скопје е една дупка без дно комплетно неефикасна и погубна како за животните, така и за буџетот на град Скопје и неговите жители.
Јавно ги повикуваме институциите како Државниот завод за ревизија и Финансиската инспекција во јавниот сектор да извршат темелна финансиска инспекција и ревизија на работењето на Вардариште со години наназад и за сите можни нерегуларности бараме одговорност.
Наша намера е да продолжиме со анализа на работата на оваа институција која е дел од јавно претпријатие и како граѓани и членови на невладиниот сектор. Нашите истраги допрва почнуваат и за ова нема да молчиме, туку за нашите сознанија ќе ја информираме севкупната јавност и бројни релевантни меѓународни институции.