Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ жестоко реагираше до општина Центар поради одлуката со која се забранува дома да се чуваат животни кои постојано лаат.
„Најостро ја осудуваме и бараме да се отповика Одлуката за комунален ред на Советот на општина Центар, со која се донесе забрана за чување на кучиња, доколку истото не биде писмено одобрено од мнозинството станари. Одлука во која меѓу другото пишува дека несмее да се чуваат животни кои постојано лаат. Оваа одлука е скандалозна и нехумана (како што човек зборува, така кучето лае); дискриминирачка во однос на сите граѓани кои имаат животно (кој ги штити нив од произволни толкувања, пријави или каприци на другите сожители?), нефункционална (зошто нема да направи никому ништо добро) и опасна (зошто масовно може да ја зголеми бројката на исфрлени животни на улица!). Оваа одлука ги компромитира советниците на општина Центар кои истата ја поддржале, ја компромитира нивната човечност“, се вели во реакцијата на „Анима мунди“.
Оттаму им порачуваат на советниците:
1. „Почитувани Советници, тој кој чува куче, уредно плаќа данок и придонесува на општината.
2. Тој што чува куче, можеби истото го вдомил од улица – со што и помага на општината да се намали популацијата бездомни кучиња на улиците.
3.Тој кој чува куче е подеднакво изложен на бучава или друг вид реметење на јавен ред и мир кое може да биде од повеќе извори. Но вие, со донесување на оваа Одлука, по автоматизам го дискриминирате и правите заложник на самата општина, како и потенцијален заложник на неговите комшии.
4. Кучето со векови живеело со човекот и тоа не е предмет, туку дел од човековото семејство.
5.Оваа одлука е непозната за европските стандарди и доколку не се отповика, ќе наиде на огромни осуди. Ви посочуваме дека животните се живи и чувствителни битија, а кучињата и мачките (домашните миленици) имаат посебен дел во животите на луѓето со векови“, велат од „Анима мунди“
По веста дека општина Центар го донела спорниот пропис, се појавија информации дека всушност се работи за стар закон, кој не важи само во општина Центар, туку на целата територија на Град Скопје.
Либерално-демократската партија излезе со иницијатива за укинување на делот од законот кој забранува чување куче што лае и ги вознемирува граѓаните, кој минатата недела беше усогласен и од Општина Центар.