„Анима Мунди“: Државата да превенира и санкционира дислокација на кучиња

Државата, општините да воспостават механизми за следење – превенција, евиденција, санкција во случај на дислоцирање на кучиња од една во друга општина, бара организацијата „Анима Мунди“.

Од таму апелираме на итно постапување во случаи на напуштање, или пострашно масовен истовар на кучиња од една општина во друга.

„Доволно е да се читаат коментари кои ги оставаат граѓаните, за да се сфати дека принципот ‘грижо моја, прејди на друг’ беспрекорно функционира зошто поминува неказнето“, посочуваат од „Анима Мунди“.

Активистите велат дека со дислокација на цели чопори од едно населено место во друго се траумираат животните, а се предизвикува и јавна опасност.

„Бараме да биде констатиран овој проблем на институционално ниво за да соодветно се третира и сузбие. Соработка на општините, институциите на централно ниво и здруженијата, граѓаните кои најчесто се единствени кои пријавуваат мора да постои , како и да се оди чекор напред, а тоа е истраги и ефектирање на најстроги казни за сторителите на овие дела“, се вели во реакцијата на „Анима Мунди“.

Претходно, за истата проблематика реагираа и од Јавното претпријатие „Лајка“. Укажаа дека Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња на одредени локации, локации каде имаме прецизен увид на постоечката популација на улица која е стерилизирана, и како што рекоа, повеќе од очигледно е дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња.

„Неретко станува збор за големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи и ова не е карактеристично за кучиња од градска средина. Овој наплив логистички е речиси невозможно да го направи поединец“, посочија од ЈП „Лајка“.

Упатија и апел до граѓаните доколку видат активности од ваков тип, т.е. дислокација на кучиња, по можност да го документираат истото со фотографии, пријават или да им се обратат за потребна помош. Воедно, рекоа тие, неопходно е и институциите и општините да го покренат ова прашање, воспостават контролни механизми за превенција и дејствување.