Отровот е лесно достапен, институциите не се агилни, а масовните труења на бездомните и маалските животни стануваат се почести, обвинуваат здруженијата за заштита на животните.
Според искуствата на активистите, несовесните граѓани отров најчесто ставаат во храна или коски, а жртви покрај бездомните кучиња, честопати се домашните миленици. Се користат силни пестициди, кои без проблем можат да се купат, главно во земјоделските аптеки, за помалку од 200 денари.
„ Овој отров не смее да биде достапен за сите. Неколку пати баравме до надлежните министерства да биде ставена под контрола продажбата на ваквите препарат и оваа регулатива мора да ја изедначиме со европската која вели дека со вакви препарати смеат да ракуваат само стручни лица“, вели Столе Велковски од здружението за заштита на животните Анима Мунди и додава дека ако се донесе уредба со која ваквите препарати ќе се даваат само со рецепти, тогаш полесно ќе се следи и движењето на отровот и луѓето кои го поседуваат.
Друг проблем за активистите е и слабата ажурност на полицијата која е надлежна да интервенира во случаите на расфрлање отрови, како и нестручноста на нејзините припадници кога станува збор за масовните труења за бездомните животни.
„Има случаи кога на граѓаните кои пријавуваат им велат дека само организација треба да го пријави труењето и не им се дозволува самите да реагираат, честопати и крим техника не сака да излезе и да направи увид. Дури и мене ми се има случено да се јавам во полиција и да пријавам труење, а оттму ми одговорија дека е недела и немаат доволно луѓе“, вели Велковски и додава дека има и позитивни случаи кога на терен излегуваат и крим техника и ветеринар, но тие се значително поретки.
Иако досега нема пријава, од Анима Мунди пред извесно време почнаа да нудат и парични награди за оние граѓани кои ќе сведочат и ќе помогнат да се откријат лицата што незаконски фрлаат отрови по парковите, игралиштата и улиците.
„Луѓето кај нас се плашат да сведочат“, велат од Анима Мунди и се надеваат дека ако не повеќе, на овој начин ќе се заплашат трујачите и ќе се откажат од намерата да незаконски да расфрлаат отрови од кои покрај животните, жртвите може да бидат и луѓето.