Веста дека од страна на Битолското обвинителство е отворен предмет за фотографијата на заменик директорот на Македонија пат, Сашо Дранго, сликан со застрелана мечка, животно со највисок степен на заштита во Македонија е добар чекор кон разрешница, „доколку сакаме да се наречеме правна држава“, сметаат од здружението за заштита на животни „Анима мунди“.
Според нив, преку дадените изјави дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа и тој и вработените во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа, Сашо Дранго ја инволвира и институцијата во која е функционер, како и луѓето кои работат таму. А, како што додаваат од здружението, нема да дозволат вработените да послужат како параван.
„Имајќи предвид дека во билтенот на МВР не постои податок на сообраќајна несреќа со мечка за месец декември, како и дека во случај на таква постапка има строго дефинирана процедура согласно Законот за дивеч и ловство и Законот за заштита и благосостојба на животните – не смее да се постапува без МВР; како и дека мечката не е на пат туку во шума, и дека волку големо животно нема начин да се поместува за сликање, освен доколку е свежо убиено, невкочането (се уште топло), очекуваме брзо согледување на реалната состојба, брзо постапување и најстрога казна“, велат од „Анима мунди“.
Оттаму бараат да се провери дали во месец декември постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции или пак Основното јавно обвинителство.
„Доколку има пријава, дали службеници од МВР и пратеници се труделе да го сокријат случајот? Воедно бараме од министерот за внатрешни работи да провери и информира јавноста, дали Дранго кој на сликиве го гледаме во ловечка униформа, наоружан со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и истото му е одземено во предходна постапка, т.е. дали овој снајпер кој го гледаме сите е држен спротивно на закон?“, прашуваат од здружението.
Дранго тврди дека не ја убил мечката, туку таа била жртва на сообраќајка