Здружението за заштита на животни Анима Мунди бара да се стави крај на суровоста врз животните. Тие информираа за последните случаи на насилно однесување на граѓани врз животни.
Испратените фотографии до медиумите, од Здружението велат дека ќе ги достават до сите релевантни меѓународни субјекти и институции во Европската Унија, а воедно, повикуваат и на притисок врз институциите.
„Во Велес младо и немоќно куче, мирно и преплашено, е врзано за екстремитетите и живо фрлено да умре во Вардар. Видете ги неговите фотографии. Некој психопат го врзал за нозете, фрлил и оставил полека да умре и да се мачи. Среќа, не му бил денот, го спасиле храбри и хумани луѓе Бијлана и Робертино од здружението за заштита на животни „Обезбеди Живот“ од Велес, кои го згрижија и му бараат дом.
Минатата седмица во Велес слаб изнемоштен, претоварен коњ испушти душа на велешкиот асвалт– последно нешто што почувствува беа тупаници да стане и продолжи. Не издржа, умре така, а неговото тело го фрлија во река, да скапува.
Вчера пеколна беше улицата за кутар коњ од Битола, кој падна, се бореше за воздух, на кој пена од устата му излегуваше од немоќта и болката, но мораше да стане.
Викендов ни пристигна и оваа монструозна фотографија, на живо теле ставено во гепек на возило со тетовска регистрација, врзано имобилизирано на начин да не може да се помрдне, избезумено од страв и болка. Регистрацијата на возилото е видлива и институциите може да постапат“, се вели во соопштението.
Според Здружението, овие фотографии се реалност во државата, тие го дефинираат статусот и состојбата на животните во Македонија, но и нечовечност на граѓаните, апатичноста и отсуството на елементарна совест, свест во однос на животните.
„Нам не ни останува друго од тоа да заклучиме дека живееме во една морничава, гротескна, девијантна средина, и дека заостануваме во секој поглед зад секоја нормална, хумана и цивилизирана земја. Да заклучиме дека на ниту едно ниво не се пласира и негува хуманоста; дека од страна на институциите ниту се превенира, a уште помалку санкционира самоволието и суровоста на која се изложени животните. Прашуваме зошто се казнуваат граѓани за неносење на пудлица на поводник, но ако се изживуваат врз животните, тогаш не се предмет на интерес на институциите“, стои во соопштението.