„Анима Мунди“ по настанот во Битола каде деца беа каснати од куче: Без систем – нема решение

Здружението „Анима Мунди“ упати јавна реакција по повод немилиот настан во Битола, каде две деца беа каснати од куче на улица. Од таму велат дека се вознемирени, но за жал, не се изненадени.

„Ова не е изолиран случај, туку дел од долгогодишен, сериозен проблем кој упорно се игнорира од институциите. Како здружение кое секојдневно работи со целосна посветеност, но со ограничени ресурси, сведоци сме на сè поалармантна состојба. Ја повторуваме вистината што ја зборуваме со години: животните не се виновни што се на улица. Некој ги оставил, ги запоставил и ги претворил во ‘проблем’“, стои во реакцијата.

Според активистите, во основата на оваа криза стои неодговорното сопствеништво и отсуството на систем.

„Се среќаваме со ситуација каде што на улиците ни се наоѓаат кангали, ротвајлери, пит були, азијати, хаски, ловечки раси, кои не се природни бездомници. Тие се кучиња кои некој ги оставил, ги занемарил или злоупотребувал. Овие животни се неодговорно чувани и често трауматизирани, и самите жртви. За нив институционално решение нема. Секој ден гледаме: неконтролирано размножување, исфрлени довчерашни миленици, цели легла, што создава сѐ поголем број напуштени животни; трауматизирани кучиња кои, преплашени и гладни, стануваат потенцијално опасни; институции кои со години ги одбегнуваат своите обврски и дозволуваат оваа состојба да ескалира“, посочуваат од „Анима Мунди“.

Од таму се децидни дека веќе не може да се зборува само за „проблем со бездомни животни“. Туку, посочуваат, ова е проблем со институционален молк, со законска дупка, со отсуство на контрола и санкции.

„Овој проблем не е споредна работа која се однесува само на некои локални здруженија, туку е прашање кое засега сите нас. Без итна и ефективна интервенција од локалните власти, проблемот со бездомните животни ќе продолжи да се влошува. Државата е должна да донесе и спроведе законски измени кои конечно ќе го адресираат проблемот на корен. АХВ (МЗШВ) мора итно да пристапи кон измена на закон за што до нив поднесовме иницијатива и барање за вклученост. Општините се должни – и по закон – да спроведат масовни стерилизации и да ја контролираат одговорноста на сопствениците на животни“, нагласуваат од здружението.

„Анима Мунди“ бараме итни и решителни мерки. Односно, забрана за неконтролирано размножување – дозволено само за регистрирани одгледувачи. Понатаму, кривична одговорност за напуштање животни, зошто, како што велат, претставува мачење на животното и јавна опасност по безбедноста на сите. Исто така, стимулирање на стерилизација преку даночни политики.

„Најстроги казни за мачење, занемарување и неодговорно сопствеништво. Забрана за размножување на одредени раси кои не се соодветни за непрофесионално чување (пр. Пит були). Итна измена на Законот за заштита на животните – со јасни обврски, механизми за контрола и реални санкции. Ова не се нови барања – ова се барања кои ние како здружение со години наназад даваме иницијативи“, нагласуваат активистите.

Според нив, ова не е работа што треба да ја „туркаат“ неколку волонтерски организации. Туку, сметаат оти ова е прашање на јавна безбедност, на здравје, на хуманост, дали сакаме да сме цивилизирано и нормално општество или општество полно девијации и суровост.

„Проблем што сите нѐ засега и кој не смее повеќе да се игнорира. ‘Анима Мунди’ стои на располагање за детална аргументација и формулација на сите овие барања. Но на потег се институциите. Имаат одговорност, имаат обврска, имаат избор. Без систем – нема решение , крпиме последици, на штета на луѓето и животните се вртиме во круг“, стои во реакцијата.