Здружението за заштита на правата на животните „Анима Мунди“ најавува протести во Скопје и другите градови доколку властите не преземат итни мерки за спас на коњите за чии трагетии тие секојдневно сведочат. Од Здружението бараат во најкус рок да се забрани нивна употреба како превозно средство по улиците, но и да се згрижат.
„Анима Мунди“ уште еднаш ја достави својата иницијатива за спас на коњите и понудените решенија со кои ќе се заштитат животните и зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
„Вчера кобила во Велес умира на улица, спасена само благодарение на активистите од Гласот за животните во Велес, кои не го одминаа животното кое скапувало само на дожд, едвај кревало глава од асвалтот барајќи да му се помогне. Завчера коњ колабираше од немоќ, претоварен, преслаб, на една од најфреквентните раскрсници кај Мавровка. Очигледно успеале да го кренат од земја со клоци и тупаници, набргу коњот го снема. Пострашно од судбината на коњите во Македонија е да се соочуваш и бориш со зачмаеноста и рамнодушноста на институциите на кои не им доаѓа ни помисла да сторат нешто и го спречат ова страдање. Дури и кога законски можат, тие не можат да превземат ништо“, стои во реакцијата на „Анима Мунди“.
„Пред две недели се боревме за спас на коњ од Струмица, млад претоварен коњ кој не можејќи да ја балансира тежината на приколката која ја влечел во надолница, удри во автобус во движење. Автобусот превезуваше деца на екскурзија, а возачот превенираше поголема трагедија. Трагедијата остана ексклузивно резервирана за коњот – цел во крвишта, во болка, страв, рани, со копито откинато од несреќата лежеше покрај автобусот, без било кој да му помогне. Полиција за несреќата, инспектори да евидентираат случка. Ниту еден да му помогне на жовотно кое е во агонија и кое умира. Бел коњ облеан во крвишта, бревта пред нив и умира. Невидлив за сите“, велат од здружението.
Трагедии се случуваат, но мизеријата започнува тука, нагласуваат активистите на „Анима Мунди“.
„Пративме ветеринар кој укажа итна помош, го крена, стабилизира и побаравме веднаш од АХВ коњот да ни биде даден, за да го лекуваме и спасиме. Ветеринарот ни кажа не е животно загрозен, но повеќе не може да носи и влече товар. Хумани граѓани има, се мобилизира секој кој може да помогне, една девојка понуди и вдомување. Веднаш се пријавивме во АХВ и баравме да биде одземен и да ни биде дадена можност да го земеме ние затоа што е злоупотребено, преработено животно кое повеќе нема употребна вредност , кое го третираме и сакаме да го вдомиме. Затоа што е нивна обврска да се провери и гарантира благосостојба на животно и капацитетот на „сопствениког’ да укаже помош. Затоа што знаеме како завршуваат овие животни, тепани, фрлени како партал, заклани во кланица“, се вели во реакцијата.
„По неколку куси реда бирократски образложенија без намера да се стори нешто конкретно и помогне, по не добиен писмен одговор од АХВ што конкретно превземале за коњот, вчера дознавме дека коњот е мртов“, додаваат од „Анима Мунди“.