Нема крај на жртвите на Вардариште велат од организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“. Бараат итно решение, во спротивно најавуваат протест.
„Се обраќаме јавно и бараме итно да се запре заловувањето на мали кучиња и масовното убивање, зошто во спротивно ќе организираме протест, но не пред Вардариште, туку пред канцелариите на оние кои имаат надлежност да одлучуваат. Само тие имаат целосна професионална и морална одговорност пред граѓаните“, велат од „Анима Мунди“.
Тие прашуваат зошто продолжува ловењето на мирни, неагресивни и здрави кучиња со маркица, кои најчесто се маалски миленици. Воедно, информираат дека се уште се фаќаат веќе маркирани кучиња, како и мали кучиња кои според нив, не можат да ја издржат програмата „Заловиш-стерилизирај-врати“.
„Прашуваме кој дал наредба да се „чистат“ од улица, кога во стационар не може да им се направи ништо (мали се за стерилизација) и може ли тој мирно да спие знаејќи дека речиси сите умираат, со мачење, болка, преплашени и потполно свесни, од тамошните зарази? Или се носат наменски зошто малите кутриња умираат без каков и да е трошок, без да им се вбризга инекција, без и денар арч“, реагираат од „Анима Мунди“.
„Анима Мунди“ бара градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и локалните градоначалници да стават крај на како што велат, хајката против уличните кучиња.