Панда има само неколку месеци, а од неодамна живее во дворот на здружението Анима Мунди, додека чека да биде посвоена. Ја спасивме од стационарот Вардариште, велат од здружението и објаснуваат дека условите за престој на животни таму се страшни, бројката на еутанизирани кучиња е огромна, а пристапот во Вардариште на членовите на здружението е стрoго забранет со години. Проектот „Залови стерилизирај и врати на улица“изгледаше одлично на хартија, но не и во пракса, велат од Анима Мунди.
Стационарот работи и ги почитува сите пропишани светски стандарди, децидни се од Комунална хигиена, кои стопанисуваат со објектот на Вардариште. Оттаму објаснуваат дека дека по проблемите кои ги имале во почетокот,нештата се смениле, а односот со граѓанските здруженија значително се подобрил.
Според јавно достапните податоци, стапката на еутанизирани кучиња во 2008 и 2009-та стигнува до 60%. Последниве години опаѓа, но и покрај тоа, во просек по најмалку2 кучиња секој работен ден се усмртуваат во стационарот. Од 2441 куче колку што лани биле донесени во стационарот, еутанизирани се 615, вдомени 250.
Од Анима Мунди се сомневаат дека бројката на убиени животни е поголема и во стационарот нема комплетен регистар за посвоените кучиња, а ним не им е дозволено како здружение да направат увид во книгите за еутанизираните животни.
Од друга страна пак, објаснуваат тие , по бројните претставки до институциите, стационарот веќе заработи пријава од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои потврдија дека имало нехумано убивање на бездомните кучиња во стационарот.
За време на нашата посета на Вардариште имаше триесетина кучиња, најголемиот дел стари само по неколку месеци. Сликањето и снимањето е забрането, освен со посебна најава. На вратата има чувар кој одлучува кој смее, а кој не смее да влезе во објектот.
За членовите на Анима Мунди пристапот е забранет, објаснуваат од здружението и додаваат дека не бараат ништо повеќе, освен како волонтери да им се дозволи да им помогнат и на кучињата и на вработените во стационарот.
Јасмина Јакимова