„Анима Мунди“: Заменик директорот на „Македонија пат“ гордо се фотографира со застрелана мечка, дали е недопирлив за правдата?

Заменик директорот на „Македонија пат“ и претседател на унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, гордо се фотографира со мечка што ја застрелал во декември 2024 година, реагира „Анима Мунди“, објавувајќи и две фотографии.

Како што велат од здружението за заштита на животни, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.

„Фотографиите до кои дојде ‘Анима Мунди’, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи“, се вели во реакцијата.

Според здружението, станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела.

„Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин? Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години“, велат од „Анима Мунди“.

Од таму потенцираат дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној, како што велат, ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и наоружан до заби убива.

„Анима Мунди“ најавува дека ќе поднесе кривична пријава против Дранго и очекуваат негово разрешување од функцијата.

„Вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат. Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата во кој животот го загуби едно скапоцено животно да следува највисоката казна предвидена со закон“, се вели во реакцијата.