Половина од граѓаните во Македонија сметаат дека медиумите во земјава се зависни, додека само 15 проценти велат дека тие се независни, покажува анкетата за перцепциите на граѓаните за медиумите и надворешната политика која ја спроведе „Ипсос Македонија“ по нарачка на Медиумската програма во Југоисточна Европа на Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Испитаниците покажале и многу мала доверба во новинарите. Во зависност од возрасната група, процентот варира од 38-40% кои одговориле дека имаат мала доверба или воопшто немаат доверба во новинарите. Само 14% од испитаниците имаат голема доверба во работата на новинарите.
„Ова се тажни резултати за новинарството во Македонија. Истражувањето покажа дека има голем простор за подобрување во однос на независните медиуми, кои се централни точки во демократијата, меѓудругото и преку обуки и дообуки на новинарите“, рече раководителот на Медиумската програма во Југоисточна Европа, Хендрик Зитих.
Извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски, рече дека овие резултати не се за изненадување, ја потврдуваат перцепцијата на медиумската заедница во Македонија и укажуваат на потребата за спроведување системски реформи на медиумите во Македонија како предуслов за создавање поповолна средина за работа на новинарите и медиумите.
„Власта треба да создаде амбиент во кој медиумите и новинарите ќе имаат услови да работат слободно, медиумите и новинарите треба да служат на граѓаните а не на властите, а пак граѓаните треба критички да ја набљудуваат работата на медиумите и кога истите се непрофесионални треба да реагираат“, вели Секуловски.
Тој наведе неколку препораки за враќање на довербата кај новинарите, а тоа е да се каже стоп на насилството кон новинарите и практиката на неказнивост, реформи за подобрување на законската регулатива на МРТ и комерцијалните медиуми, промоција на професионалното новинарство, промоција на медиумската саморегулација и продолжување на соработката меѓу новинарите и граѓанскиот сектор со цел враќање на довербата.
Истражувањето на јавното мислење покажува и дека телевизијата е најчест медиум преку кој се информираат граѓаните, со 71%, пред социјалните мрежи со 47%. Половина од анкетираните одговориле дека најмногу и веруваат на телевизијата како медиум, 28 проценти немале одговор, додека скоро 18% од испитаниците најмногу им веруваат на социјалните мрежи.
39% од населението смета дека лажните вести и дезинформациите се дистрибуираат преку телевизијата, додека ова мислење е уште повисоко за социјалните мрежи – 44%.
Друг аспект на истражувањето е довербата во други држави и меѓународни организации, при што 44% имаат голема доверба во ЕУ. На НАТО му веруваат 41% од испитаниците. Во однос на другите земји, Германија е со 35%, пред САД – 30% и Русија со 22% доверба.
Истражувањето е извршено врз репрезентативен примерок од 1.033 испитаници, во септември годинава. Медиумската програма во Југоисточна Европа е дел од глобалната медиумска програма на Фондацијата „Конрад Аденауер“, што се имплементира во десет земји од регионот со активности во областа на квалификациите на новинарите, слободата на медиуми и политичката комуникација.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.