Анкета: Младите со поголема поддршка за референдумското прашање

Анкетата која за МЦМС го спроведе агенцијата М-проспект покажа дека на референдумско прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, „За“ би гласале 41,5%, а „Против“ – 35,1% од граѓаните.

Според оваа анкета, помалку етнички Македонци би гласале „За“ (27,4%) отколку „Против“ (45,2%), додека кај етничките Албанци поддршката „За“ е убедлива (88% наспроти само 2,2% „Против“). Повеќето млади би гласале „За“ (49,2%), а со возраста опаѓа поддршката (34,9%).  Слична е тенденцијата и во однос на образованието – со поголема поддршка „За“ кај тие со повисоко образование.

Според оваа анкета, мнозинство (66,4%) изјавува дека ќе излезе да гласа на референдумот, додека 19,8% се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот, додека 11,9% се уште немаат одлучено.

Без оглед на исходот на референдумот, недвосмислена е поддршката за членство на Република Македонија во ЕУ (80,4%) и НАТО (79,9%).

 

Анкетата е направена телефонски во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година на повеќеслоен стратификуван примерок од 1026 испитаници постари од 18 години.