Annalized, Noiose и Звуцицач во четврток во „Буква“

Во кафе-книжара „Буква“ во четврток (27 април) од 20 часот ќе се одржи настан, каде ќе гостуваат Annalized (глас, дисторзија, аудио-ленти) и Noiose (барабан, ефекти, миксета без влез).

Од „Буква“ велат дека Аналиса Паскаи Саиу е трансдисциплинарнa уметницa од Сардинија. Изведувачка на ритуали, поетеса, пејачка, импровизаторка, визуелна уметница, независна и андерграунд кураторка, како и организаторка на NOISE DELIVERY и PROGETTOHECATE.

„Што се однесува до Annalized, уметницата си ја има присвоено традицијата на импровизирачките поети од Сардинија, а текот на звукот е раскажување во кое таа раскажува митолошки приказни, поврзани со традиционалните сардински приказни, магични формули, молитви, со филозофска, мистична, теолошка тема. Понекогаш иронично, во однос на себе, пее како кога би била маж, секогаш во ритуалните рамки, што ја наведуваат да плете песни, час се импровизирани со византиски скали, на сопствен измислен јазик што ѝ се јавил на сон (како Толкиновата глосолалија), час се псалми на библиски хебрејски или православни химни на старогрчки, наместо молитви или формули на сардински јазик. Така, таа го разменува и плетка својот јазик со библискиот хебрејски, старогрчкиот и сардинскиот јазик во тек, кој е секогаш импровизиран и местоположен, сосредоточен на она што произлегува од месноста и суптилно и физички“, стои во најавата.

Од „Буква“ посочуваат дека сето ова совршено се преплетува на семантичкото ниво на значењето и означителот со гестикулативното и звучното истражување на другиот уметник од дуото, Емилио Берне познат како NOIOSE.

„NOIOSE потекнува од комбинацијата на деконструктивните техники покрај идејата за симулација на глич-дефекти со автентичноста на индивидуалниот психизам. Поконкретно, ова дело се пројавува во отсуство на кодови за тапани, каде што новите трикови често се откриваат случајно или при неуспех. Техничките грешки и артефакти стануваат цел на овој сет сведен на минимално количество на информации што овозможуваат да се свири со поконкретни резултати. Тргнувајќи од оваа аксиома, изведбата на NOIOSE започнува од отсуствтото на однапред воспоставен јазик, од уништувањето на вообичаените кодови за тапан и перкусии, превртувајќи ја сета логика. Всушност, музичарот, кој сега се преобразува во изведувач, станува или клекнува на земја, целосно напуштајќи го дури и нормативното држење на инструменотот, сега сведено на речиси роботски сет, поблиску до пост-хуманистичко дело отколку до сет за тапани. Де се движи брзо, де бавно околу оваа пеколна интонарумори машина. Наелектризираната пружина изненадувачки, среде челикот, меѓу наборите на звукот, станува нежна евокација на јапонско кото, свирено од вештите раце. Сеопфатно аудитивно и визуелно искуство. Местото каде што се одвива дејството е темелно, бидејќи дозволува аналогната електроника да ја ‘преземе’ самата изведба, повторно превртувајќи го значењето на улогата на авторот како таков“, соопштуваат од „Буква“.

За Звуцицач, пак, посочуваат дека е животински слух пред истребување, се претпоставува дека се работи за цицач на звуци, познат е меѓу народот и како слуштество или чудовушите, последен пат е забележан на сцената во 2011 години.

„Се шират гласини дека повторно ќе прозвучи во Буква на 27 април – цели 37 години и еден ден по експлозијата на нуклеарниот реактор во Чернобил – и најверојатно ќе се обиде да изврши упад во вашите ушни шуплини за да ви ги растрепери тапанчињата. Колку и да се чини неговото повторно тропнување на сцената неочекувано, дотолку повеќе делува непослухувано“, се вели во најавата за настанот.