Античка римска статуа на Херкул била пронајдена за време на поправка на канализација под парк во главниот град на Италија, Рим.
Статуата, која датира од периодот на Римското царство (27 г. пр. н.е. – 476 г.), се појавила од тлото покрај историскиот антички пат Виа Апија.
„Локацијата откри вистинско изненадување за нас – мермерна статуа во вистинска големина на лик кој го претставува Херкул, кој можеме да го препознаеме преку присуството на мотката и лавовското крзно на неговата глава“, велат од Археолошкиот парк „Апија Антика“, кои оваа информација ја споделија на Фејсбук.
Откритието било направено за време на реконструкција на дел од канализациските цевки кои биле искршени и предизвикувале лизгање на земјиштето. Ископувањето стигнало до длабочина од 20 метри, а како што најчесто се прави во Рим, било вршено во присуство на археолози.
Во ноември минатата година беше пронајдена збирка на бронзени статуи кои биле заштитени илјадници години од калта и топлата вода во мрежата на бањи изградени од Етрурците во Тоскана. Ова откритие на 24 статуи стари повеќе од 2.300 години беше прославено како едно од најважните археолошки откритија од ваков вид во последните 50 години.