Антиимиграциска фејсбук група јавно исмеана зошто виде бурки наместо празни седишта

Поранешен политичар и директор на маркетинг компанија, Синдре Бејер, објавил дискусија која се развила по објава на затворена Фејсбук група наречена „Татковината на прво место“ со преку 13 илјади членови. Во неа некој поставил фотографија од празни седишта во автобус, со прашање до групата – „Што мислите за ова?“.

Според дебатата под фотографијата, иако некои корисници препознале дека се работи за празен автобус, многумина седиштата ги помешале со бурки, коментирајќи ја сликата со зборовите – „трагично“ и „застрашувачки“. Еден член предупредил дека „тие можеби кријат украдени работи, оружје или бомби“.

„Навистина изгледа страшно, треба да се забрани. Никогаш не знаете кој е под тоа. Можеби се терористи со оружје“, пишува во еден од коментарите под фотографијата.

 

Објавата на Бејер од затворената група со сопствен коментар – „што се случува кога слика од празен автобус е постирана на одвратна Фејсбук група и скоро сите мислат дека гледаат куп бурки“, била споделена над 1700 пати.

Тој, за норвешкиот медиум „Нетависен“, изјавил дека е шокиран од тоа колку омраза и лажни вести се шират на социјалните мрежи.

„Омразата кон празен автобус навистина покажува колку предрасудите го надвладуваат разумот. Затоа ја споделив оваа објава за што повеќе луѓе да видат што се случува во темните ќошиња на интернетот“, изјавил Бејер.

Идентичен експеримент бил на шега направен и во Шведска, каде сликата била поставена на антимуслиманска Фејсбук група. Негативните реакции и коментари биле слични како во Норвешка.