На локацијата на поранешната фабрика „Треска“ не смеат да започнат градежни работи, вели претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска за ДојчеВеле, по информациите дека општина Центар започнува со расчистување на објектите од поранешната фабрика, што ги разгоре сомневањата во јавноста дека можеби се подготвува терен за да започне бетонизацијата на една од најатрактивните локации во Скопје.
„Како што сме информирани, во Јавното обвинителство се водат два предмети за фабриката ‘Треска’. Додека тие не завршат не смеат да започнат градежни работи на оваа локација“, децидна е Ивановска.
Таа посочува дека во моментов има важечки, но противзаконски Детален урбанистички план.
„Поради тоа се поставува прашањето дали е легитимно да се даваат одобренија по еден ваков противзаконски ДУП“, прашува Ивановска од Државната комисија за спречување корупција.
Инаку, откако пред пет месеци гореше просторот кај некогашната фабрика „Треска“, а градоначалничката Данела Арсовска индицираше дека можеби пожарот е подметнат, вчера и официјално започна расчистување на локацијата.
Градоначалникот Горан Герасимовски направи увид на просторот и рече дека до до општината пристигнале 36 барања за издавање решенија за отстранување, од кои се одобрени 13. Се осврна и на азбестот и негативното влијание по здравјето на граѓаните. Според него, чистењето кај „Треска“ трае две недели, ќе се одвива плански и во неколку фази, а отстранувањето ќе го вршат самите сопственици. Отпадот треба да биде депониран во Дрисла и соодветно уништен.
Тој рече дека „не се согласува со перцепцијата дека расчистувањето на теренот значи почеток на бетонизација на просторот“. Побара поддршка од институциите за поскоро донесување на регулациски план за одвојување и план само за просторот кај фабриката.
Од друга страна, Шанса за Центар за Радио МОФ посочија дека одвојувањето веќе е донесено од претходниот општински Совет. Потсетуваат, веќе е спроведен Конкурс за локацијата и идејно решение за локацијата, па стравуваат дека наместо да се спроведува, се одложува за сметка на „решението“ за продажба на државното земјиште и профит на приватници.
„Сопствениците на имот, кои се големи градежни компании, односно на 50 и нешто проценти од целата ‘Треска’, бараат да се спроведе овој план кој повеќе им одговара – во смисла на повеќе профит. Затоа, сметаме дека клучот е сега, за се’ што ќе се случува во иднина со земјиштето. Колку повеќе се одовлекува, толку повеќе ќе се спроведуваат постапките за откуп на земјиште и ќе се притиска за ‘актуелното решение’. Градоначалникот и луѓето што не сакаат промена го именуваат како ‘важечки план’, иако тој ‘важечки план’ и од страна на општината во претходниот состав, и од општинската служба, е анализиран и е заклучено дека во многу параметри ги надминува ограничувањата од ГУП-от. Нашиот став е дека тој план е незаконски план, бидејќи го пробива ГУП-от, а тоа јасно го објаснува Законот за урбанистичко планирање“, потенцираа од Шанса за Центар.