Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Владата да ги одземе надлежностите на сите општини за уривање на нелегално изградените објекти во охридско-струшкиот регион под заштита на УНЕСКО.
Одлуката на Комисијата е донесена откако утврдиле дека предвидените средства кои ги предвидела Општина Охрид се премалку за оваа намена.
„Дојдовме до сознанија дека Општина Охрид само во 2019 година имаат склучено само еден договор, со еден економски оператор, во вредност од 1,5 милиони денари заедно со ДДВ. Поради тоа што сметаме дека ова е премал износ за справување со дивоградбите, ДКСК ќе упати барање до Владата да ги преземе надлежностите на сите општини кои се наоѓаат во овој регион под заштита на УНЕСКО и да се справи со објектите кои се нелегално изградени“, рече претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.
Додека локалната власт во Струга на неколку пати отфрлаше одговорност за дивоградбите во оваа општина, процесот на уривање на дивоградбите во Охрид требаше да почне уште минатата година. Сепак, досега не е направено многу по ова прашање.
„Мислам дека не ни почнале, бидејќи со тие пари можат да рушат многу малку, или само една дивоградба, и на тој начин би се добил впечаток дека општината сака селективно да настапи. Од тие причини сметаме дека Владата е таа што треба да ја земе надлежноста, бидејќи се работи за регион кој е под заштита од УНЕСКО и со кој сите се гордееме. Да ја преземе надлежноста и да завршиме со бесправно изградените објекти“, додаде Ивановска.
Одлуката за статусот на охридскиот регион, според извештаите на Владата, УНЕСКО требаше да ја даде од 29 јуни до 9 јули во Кина, но поради пандемијата со коронавирусот состанокот е одложен на неопределено време.