Книжевниот центар „Антолог“ го распиша конкурсот за Наградата за најдобар превод на македонски јазик, „Драги“, симболично именувана по македонскиот писател и преведувач, есеист и универзитетски професор, Драги Михајловски.
Од „Антолог“ посочуваат дека за наградата може да се учествува со книги објавени во периодот од 1 јули 2022 и 30 јуни 2023 година.
„Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од ‘живи’ и од класични јазици – арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик. Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови: проза, поезија и драма“, велат од Книжевниот центар.
Оттаму нагласуваат дека право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи и тоа тие имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги. Дополнително, според поставените услови, еден преведувач не може да биде номиниран со повеќе од еден превод.
Конкурсот е отворен до 30 јуни, а номинираните книги можат да бидат хартиени и електронски изданија, кои мораат да имаат ЦИП-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.
„Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во три примероци на адресата на издавачката куќа ‘Антолог’ – улица ‘Ѓорѓи Пулевски’ број 29, локал 1, а електронските изданија во електронска форма на мејлот bookstar@antolog.mk. Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари“, велат од Центарот.
Оттаму додаваат дека Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.
Од „Антолог“ истакнуваат дека освен со прозните дела, Михајловски оставил трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон.