Асошиејтед Прес (АП), една од најголемите светски новински агенции, воведе правилник за користењето на вештачката интелигенција (ВИ) во кој се наведува дека ВИ алатките не можат да се користат за креирање содржини за објава или слики на нивните сервиси за вести.
АП се придружи на досега малиот број медиумски организации кои поставија правила за интегрирање на технолошките алатки како „ChatGPT“ во нивната работа.
„Нашата цел е да обезбедиме луѓето на добар начин да разберат како можеме да бидеме малку експериментални, но истовремено тоа да се прави на безбеден начин“, вели Аманда Барет, потпретседателка на АП за новинарски стандарди и инклузија.
Генеративната ВИ има можност да создава текст, слики, аудио и видео по дадена команда, но сè уште не е целосно способна да разликува факти од фикција. Како резултат на тоа, содржините генерирани со вештачка интелигенција треба внимателно да се проверуваат, исто како и материјалот од кој било друг извор на вести. АП во нивниот правилник наведува дека фотографија, видео или аудио сегменти генерирани од ВИ не треба да се користат, освен доколку самиот материјал не е фокусот на целата вест.
„Вашите стории мора да бидат целосно напишани од вас. Вие сте одговорни за точноста, објективноста, оригиналноста и квалитетот на секој збор во вашите текстови“, им порачал главниот уредник Николас Карлсон на вработените преку порака која беше споделена со јавноста.
Сепак од АП ги охрабруваат вработените да бидат во тек со технологијата, додавајќи дека постојат начини на кои ВИ може да биде корисна во нивната работа. Како пример издвојуваат дека оваа технологија може да им помогне на уредниците за сублимирање на сториите, правење наслови или генерирање идеи за теми. Според Карлсон, дозволено е да се користи ВИ за да се добијат сугестии за можните промени со кои одредена сторија би се направила пократка или полесна за читање, или пак би се добиле идеи за прашања за интервју.
Од АП велат дека веќе една деценија експериментираат со некои поедноставни форми на ВИ, со цел да се направат кратки вести од спортски резултати или пак од бизнис извештаи.
„Ова е важно искуство, но сакаме да влеземе во оваа фаза претпазливо, и да бидеме сигурни дека ќе го заштитиме нашето новинарство и кредибилитет“, напишал Карлсон до вработените.