Високиот апелационен суд на Полска вчера донесе одлука за укинување на таканаречените „зони без ЛГБТ идеологија“ во четири општини, а пресудата беше поздравена од активисти, кои одлуката ја сметаат за победа на човековите права и демократијата, пренесува „Н1“.
Бројни локални власти во Полска во 2019 година донесоа резолуции со кои се изјаснија дека се „ослободени од ЛГБТ идеологија“, а тоа стана една од причините за конфликт во доминантно католичката земја, помеѓу либералите и верските конзервативци, кои веруваат дека борбата за правата на хомосексуалците ги загрозува традиционалните вредности.
Во „зоните без ЛГБТ идеологија“ се настојува да се забрани она што локалните власти го сметаат за промовирање на хомосексуалноста, особено во училиштата.
Поради тоа, Полска се најде во спор со Европската комисија, која најави дека тие зони би можеле да ги кршат законите на Европската Унија за забрана на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација.
По правните спорови со полскиот правобранител за човекови права, пониските судови одлучија дека девет такви резолуции мора да се укинат. Сите девет општини поднесоа жалба на одлуката, а Апелациониот суд ги одби првите четири жалби.
„Денешната одлука е голема победа за демократијата, човековите права и почитувањето на луѓето“, велат од полската Кампања против хомофобија.
Од друга страна, министерот Михал Војчик, член на конзервативната партија „Солидарна Полска“, ја критикуваше одлуката на Апелациониот суд.
„Ако советниците одлучат дека сакаат да ја поддржат нашата традиција и идентитет, тоа е нивно суверено право и никој не треба да го забрани тоа“, рече Војчик.
Судската одлука е донесена во време кога „зоните без ЛГБТ идеологија“ повторно го доведуваат во прашање европското финансирање на општините во Полска.
Извор од Европската Унија потврди дека општините кои усвојуваат политиките за кои ЕУ смета дека се дискриминаторски нема да добијат финансии за инфраструктура и заштита на животната средина.