Од понеделник (17 октомври) во 8 часот се отвора системот за електронско аплицирање на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година, соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата што се одржа во четврток.
Новина годинава е и што, за првпат и решенијата за прифатени, одбиени или отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат.
Министерката објасни дека оваа година аплицирањето наместо преку веб-сајтот на Министерството, ќе се спроведува преку националниот портал е-услуги. Таа додаде дека ова се прави со цел да се поедностави и олесни процедурата за апликантите, како и да се заштеди на време и средства за неопходните документи што отсега ќе може директно да се преземаат и прикачуваат на порталот е-услуги.
„Преку националниот портал е-услуги, автоматски ќе биде оневозможено да се конкурира со повеќе проекти од утврдените во правилата на Конкурсот. Затоа, и во оваа пригода ги замолувам корисниците да обрнат внимание на Општите услови и на условите за аплицирање во секоја дејност одделно“, рече Костадиновска – Стојчевска.
Од Министерството информираат дека корисниците и сега ќе може да побараат помош во делот за пријавите од секторите во Министерството.
Системот за аплицирање ќе биде затворен на 17 ноември во 16 часот.