Министерството за финансии ја презентираше веб-апликацијата „Граѓански буџет“, која сега е достапна на македонски, албански и англиски јазик.
На овој начин, според министерството, Буџетот на РМ сакаат да го поедностават и доближат до граѓаните.
„Во веб-апликацијата прикажани се приходите и расходите на буџетот. Исто така, апликацијата има и објаснувања што претставуваат одделните ставки, што ја прави лесна за користење. За да се добие појасна слика, апликацијата дава можност да се направи споредба помеѓу буџетите од различни години. Граѓаните преку графикони можат да следат како одделни приходи или трошоци се движеле низ годините“, соопштува Министерството за финансии.
Министерот за финансии Драган Тевдовски на вчерашната прес-конференција истакна дека на овој начин се подобрува информираноста на граѓаните за Буџетот на РМ, а со тоа и се зголемува нивната контрола врз управувањето со јавните финансии.
Веб-апликацијата за „Граѓански буџет“ не се однесува само на еден буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети.