Нова апликација им помага на жители во Барселона да ја пронајдат рутата со најмногу сенки помеѓу две места за да се избегне топлината, пишува „Гардијан“.
„Cool Walks“ („Прошетки за разладување“) е алатка наменета за пешаци која беше развиена за првпат на натпревар за визуелизација на податоци и има за цел да им покаже на корисниците разновидни рути за пешачење што треба да ги следат за наменетите дестинации.
Корисниците можат да ја изберат најдиректната патека со сенки што може да потрае малку подолго, или може да ја постават апликацијата во „режим на вампир“, кој по секоја цена избегнува директна сончева светлина. Корисниците исто така можат да ја користат апликацијата за да најдат фонтани за пиење или места за засолниште од сонцето.
Апликацијата користи алатка наречена „Lidar“ за да создаде модели со висока резолуција на надморска височина, со точност од 10 см. Оваа информација е комбинирана со податоци за патот на сонцето за да процени каде има сенка во кое било дадено време од денот.
Иако оваа алатка мапира само една населба во Барселона, креаторите се надеваат дека истражувањето ќе обезбеди информации за тоа како градот може да се прилагоди на екстремната топлина за да ги заштити своите граѓани и економијата.
Барселона планира да користи зелени површини и дрвја како дел од нејзините напори да ги ублажи ефектите од глобалното затоплување.
Топлотните бранови убиваат повеќе луѓе од кој било друг климатски ризик. Според Ц40, група за климатски лидери составена од 97 градови низ целиот свет, екстремните топлински случаи во градовите можат да предизвикаат зголемување на смртноста до 14%, како и помала продуктивност на работната сила и да ја оштети инфраструктурата, како што се патиштата и железничките линии.