„Сит сме тука горе-доле, кој курдисан, кој далдисан, мјау, мјау, да/на бат Коле“ е стих на гевгелискиот бенд „АПСАЗДАН“, кој иако е еден од најлуцидните бендови на моменталната домашна музичка сцена, не е присутен во медиумите, ниту на фестивалите.
Можеби сеприсутната апатија за која и тие зборуваат во стихот донекаде е виновна за ова, а можеби и не. Сепак, тоа не нè спречи да направиме со нив, ако ништо друго, барем еден „тримба маабет“.
Почетоците на „АПСАЗДАН“, бендот составен од Љупчо Пашовски, Александар Цуклев и Ѓорѓи Калински, е како што велат тие, во 1990-1991, како резултат на долгите седенки на пробите на локалните гевгелијски бендови по гаражи и недоправени куќи-карабини.
„Веројатно, тоа беше некоја тинејџерска потреба да се биде забележан, кога хормоните почнуваат поинтензивно да работат. Решивме да направиме бенд, а немавме поим од свирење. Па дури и денес, претежно се доживуваме како музиканти, отколку музичари. Функциониравме така некако по локални ‘игранки’, кафулиња и дискотеки сè до 1998. За тоа време секако и поднаучивме по нешто да отсвириме, но никогаш кавери, туку секогаш наши, авторски песни, кои пак почнавме да ги компонираме и создаваме уште од самите почетоци. Па, дојде некое време кога сите фативме џенем по белиот свет, за да после години, кон крајот на 2013 и во почетокот на 2014 некако се собравме во Бешиште, Мариово“, велат членовите на бендот.
Тие ја опишуваат својата музика како „гевгелијски рокенрол – што и да значи тоа“, додавајќи дека сепак не се оптеретуваат со тоа стилски да го дефинираат својот звук.
„Други нека го прават тоа ако сакаат. Сето тоа некако ни личи на ‘ладно, безкофеинско, макијато-фрапучино, со млеко од бадеми, стевија, шлаг и трошки од дехидрирано авокадо’, кога на човек едноставно му се пие кафе… Суштина или форма? Емоција или техника? Искреност или конфузија и тенденциозност? Секако, звукот и формата на звукот секогаш ќе бидат на линија со нашите емоции во даден момент, но сепак тие емоции претпочитаме да ги нагласиме првенствено преку зборот. Пораката е повеќеслојна. Веројатно таа е своевиден генерациски анти-производ на она што можеше, сè уште може да биде, а и мора да биде подобро. Копнееме за љубов како и сите, се смееме, плачеме, се радуваме, се фрустрираме, понекогаш полни со самите себеси, понекогаш празни како бунар без дно, бараме прошка кога грешиме, учиме постојано и целиме кон тоа да бидеме подобри луѓе од вчера“, велат „АПСАЗДАН“.
Со нив зборувавме и за влијанијата врз нивното создавање низ годините, а тие велат дека ги има многу – шаренолико милје.
„’Леб и Сол, ‘Зијан’, ‘Скитници’, ‘ЕКВ’, Симон Киселички, Лабиш, Ана Бунтеска, МекКена, Гинзберг, Хесе, Ремарк, Арендт, Трајче Блажевски, Лазар Самарџиев – Самич, Били Холидеј, Боб Дилан, Џенис Џоплин, Буковски, Кандински, Матис, ‘Битлси’, ‘Ролинг Стоунс’, Џими Хендрикс, ‘Лед Цепелин’, ‘Пинк Флојд’, ‘Дорс’, ‘Блур’, ‘Оејзис’, ‘Кајзер Чифс’, ‘Дед кен денс’, ‘Тивери Корпорејшн’, ‘Арктик манкис’, ‘Kaсaбиан’, Раџа Рем, Светото Писмо, ди Меола, Гарбарек, ‘Зорн’…“, откриваат тие.
Бендот досега нема издадено албум, а членовите велат дека не се ни сигурни дали воопшто сакаат да си ги пакуваат делата во „некоја си“ тематска целина, додавајќи дека сето тоа им звучи некако оптеретувачки.
„Секоја песна да си е приказна за себе, во времето, просторот и со енергијата што ја носи во себе. Зашто и самите песни кои се создадени се резултат на различни емотивни состојби, периоди, процеси, нагони, стилови, енергии… Има околу дваесеттина песни на нашиот YouTube канал и тоа е формата низ која ‘АПСАЗДАН’ ќе продолжи да функционира, песна-по-песна. Во иднина можеби ова ќе се смени, здрави-живи“, велат тие.
Зборувајќи за тоа дали има рокенрол во нашата „република прекрасна“ од „АПСАЗДАН“ велат дека во Македонија сѐ е рокенрол, зошто на крајот на краиштата, рокенролот не се свири, туку се живее, диши, мисли и осмислува.
Од бендот се надоврзуваат дека има многу талентирани и креативни луѓе во земјава, со огромен потенцијал да донесат промени, но од друга страна, посочуваат дека има и премногу шарлатани кои се на клучни и раководни позиции – т.н. „инфлуенсери“, партиски потрчковци, политиканти, злопамтила, луѓе амеби, кои во поим ја убиваат, или ја трујат, или ја киднапираат за партиски цели секоја добра иницијатива или идеја.
„Недоречености, неефикасност, очајна култура на јавен дискурс и комуникација… Сѐ ни е некако ‘источно од вистината‘, лошо импровизаторски, без никаков срам и барем основно ниво на лична или колективна одговорност. Но, рокенролот, не само како музика, туку и како своевидна животна филозофија е тука да нѐ спаси од самите себеси. Да се биде, да се бориш за своето, да се истрае до крај, одново и одново“, нагласуваат од „АПСАЗДАН“.
Од бендот побаравме и да ни раскажат некаква анегдота од нивните свирки, а тие велат дека музиката досега не ги довела до неволја, но дополнуваат дека ги гледи некоја сенка од таканаречената cancel culture, култура на откажување, потиснување, игнорирање, но сето тоа во еден типично локализиран и модифициран контекст.
„Не ни пречи, тие сме кои сме, отсекогаш носејќи го епитетот на лоши и проблематични деца. Тотално неоправдано. Храброста и немирниот дух никогаш не ни недостасуваа, постојано целевме кон поместување на статус-кво границите на урбаното битисување во транзициска Гевгелија и тоа не само преку музиката. Гледајќи од денешна перспектива, сфаќаме всушност колку сме богати, фала му на Господ. Инаку, имаше апсења за консумирање канабис пред сам почеток на свирка, па сѐ до упади на проби и слични глупости“, велат тие.
За „АПСАЗДАН“ омилено место за настап, отсекогаш и секогаш ќе бидат малите, спонтани unplugged сесии на „Сифулајските острови“ близу Гевгелија, а велат дека досега не добиле некоја пристојна понуда за настапи во живо.
„Имаше некои понуди пред година-две, но истите не делуваа баш сериозно. Не се оптеретуваме за настапи во живо по секоја цена. Не тежнееме да нѐ има насекаде. Свириме и создаваме авторска музика и повеќе уживаме во создавањето на музиката, отколку на нејзина репродукција. А и двата процеси во секој случај, си бараат време, енергија, финансии. Не бегаме од настапи во живо, но во исто време и не сме баш расположени за девалвација на нашиот труд и работа. Кој како сака нека си мисли и цени, но тоа се ‘АПСАЗДАН’ и така ќе биде и во иднина, сѐ додека нешто тектонски не се промени. И не е дека се нема, или дека не се може, туку нешто системски труло е во целата таа работа… Се надеваме дека бргу ќе бидеме демантирани“, посочуваат од бендот, велејќи дека оваа нивна изјава не важи за „БОШ“ Фестивал, каде еден ден би свиреле за атер на сите добри луѓе кои се дел од фестивалот и за целата идеја што е вткаена во самиот фестивал.
„АПСАЗДАН“ како бенд ги откривме за време на пандемијата, време-невреме и нѐ освоија со нивните текстови со својата свежина, игра на зборови и како што би рекле на „Твитер“, „латиномакедонскиот“ шарм на гевгеличаните, за кој бендот вели дека таквата уникатна аура и посебност на Гевгелија е можеби од сонцето, воздухот, водата, или нешто друго…
За една ноќ, на гивгилијска изв’лчана месечина,
су чудна моќ, на гивгилијска тајна нераскажана…Ка та вељат мури моме толко убава,
уд дека с’та ваа сјајна сончевина?
Па ми са смее Кожуф су дива иронија,
а уф аклут свире јужна симфонија.И душта рамна кут тепсија пее рам-пам-пам,
а земјата са врте или не, уд дека па да знам…
И вике “дек си ка та нема бре недојдијо?”
Ма сеј си мирна сестро морфологијо…
„Текстовите ги работиме заедно сите тројца, кој повеќе, кој помалку во даден момент и ситуација. Обично, тоа се спонтани ‘напади на интелегенција’ при нашите седенки, brainstorming, па процесот продолжува во догледен период. Притоа сите нафрлуваме по нешто одвреме-навреме, сѐ до ‘конечната верзија’. А таа пак, “конечната верзија”, неретко станува корегирана ‘конечна верзија’ од моментот кога ќе влеземе во студио“, велат од бендот.
За „АПСАЗДАН“, секој јазик и дијалект си има своја убавина, а за нив гевгелискиот македонски е она што во суштина се самите тие како македонци и гевгеличани.
„Сите оние урбани фрази, идиоми, сленг и секако, животното искуство кои нѐ прават она што сме… Една прекрасно романтична, но во исто време и строго критички настроена калакурница и рашомонијада. Субјективност и нагласен индивидуализам во единство и потреба за изразување и пронаоѓање на самите себеси преку текстовите и музиката“, велат тие.
Од бендот велат дека Гевгелија, за нив е олицетворението на субверзивноста во нашата „курто-мурто“ македонска реалност.
„Од референдуми, па сѐ до разноразни пионерски иницијативи од разни области. Гевгелија е постојана борба и начин на живот. Многу лешинари се насобрани околу неа, тукуречи сардисана од сите страни, со ограничени формално-правни надлежности, валкани игри за пари и моќ и што ли уште не. Но не се даваме, си трби ли си трби она’, велат членовите.
Од друга страна пак, субверзивноста за нив е нескротливоста на духот – голмански да се влета во противничкиот шеснаесетник и да се поентира.
„Да се поткопаат темелите на трулиот систем преку креативни активности и притоа да не се заборави кои сме, што сме, од каде сме и за што сме“, велат од „АПСАЗДАН“.
Тие велат дека отворени се за соработка, бидејќи според нив има премногу талентирани луѓе кои зрачат со позитивност и едноставност, но досега не размислувале конкретно на оваа тема. Ја искористивме приликата, па ги прашавме и за нивната соработка со Костадин Динев, кој многумина го познаваат како член на составот „Зијан“.
„’Бат Коце’, а и останатите членови на легендарните ‘Зијан’, си ги знаеме од деновите кога имаа проби по недоправени куќи-карабини и кога како тинејџери, се трескавме од земја на нивните концерти. Што да се каже за ‘Бат Коце’? Жива легенда, национално богатство, човек кој несебично се внесува во музиката и од кого може многу да се научи. За нас е вистинска привилегија да се работи со него’, велат од „АПСАЗДАН“.
Тие на младите од 16 до 116 кои се занимаваат со музика им порачуваат да „џемаат“ но и да создаваат авторска музика.
„Борете се и не се откажувајте никогаш! Живејте ‘rock’n’roll’, не за лајкови, туку за благородна идеја! Вардете си го умот, духот и достоинството. Почитувајте се и сакајте се меѓусебно и не си земајте сѐ ‘здраво за готово’. Учете и надградувајте се постојано и што е ваше, порано или подоцна ќе си дојде. Бидете здрави-живи и во сѐ благословени“, заклучуваат од „АПСАЗДАН“.
Ивана Смилевска