Ваучер од 8.000 денари за патување до 31 декември 2021 година, или ваучер од 10.000 денари за апсолвентска екскурзија до 2021 година – ова се опциите кои апсолвентите ги добија од туристичката агенција „Рапсоди“ откако дел од нив се откажаа од шетањето низ Европа поради новиот коронавирус. Но, тие не сакаат ваучери, туку си ја бараат назад целосната сума што ја уплатиле.
Откажувањето на апсолвентската екскурзија предизвика лавина реакции упатени кон туристичката агенција. Оттаму успеале да им рефундираат 20.000 денари на студенти кои се откажале од патувањето, но останатите 10.000 ги нудат во вид на ваучери.
„Во ред сето тоа што се откажува заради ситуацијата. Никој не го предвиди ова и пред се најбитно е здравјето, ама многу од нас ете следната година нема да се во можност да си дозволат 20 дена да одат на апсолвентска, бидејќи имаме други планови. Исто така, не секој сака да е обврзан со друго ваше патување. Зошто едноставно не ги вратите тие пари?“, прашува студентка од Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ на објавата на туристичката агенција.
„Не сакаме ваучери, си ги сакаме парите назад, или евентуално 5 отсто да платиме само како што пишува во договорот ако се откажеме месец порано“, стои во друг коментар.
Апсолвентската екскурзија била замислена да трае од 14 март до 3 мај, а околу 500 студенти да ги посетат Австрија, Чешка, Холандија, Франција, Шпанија и Италија.
Од „Рапсоди“ за медиумите изјавија дека станува збор за реални трошоци, кои се веќе уплатени на хотелиерите и поради ова не можат да ја вратат целата сума во моментот.
„Дополнително, во наредниот период согласно чекорите на субјектите кои се во насока на наша помош и обештетување согласно законските можности, како и барањата за поврат од хотелите, врз основа на реализираното обештетување и поврат, континуирано ќе дејствуваме на дополнителен поврат на средствата доколку не се искористи ваучерот“, стои во соопштението од туристичката агенција.
Турстичкиот сектор неодамна успеа да издејствува формирање на фонд за ублажување на штетите предизвикани од ширењето на Ковид-19, обезбеден со пренамена на средствата од програмата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и Министерството за економија – сектор туризам.
Во меѓувреме, Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги повика сите студенти кои сакаат да ги откажат апсолвентските патувања и имаат потреба од бесплатен правен совет да ги исконтактираат на:
studentskosobranie.ukim@gmail.com.
„Во мејлот оставете ни информации за агенцијата со која треба да патувате, датумот на поаѓање, времетраењето на екскурзијата и ваш контакт телефон. Во меѓувреме, миете ги рацете и социјалните контакти сведете ги на минимум“, стои во повикот на УСС.
Е.П.