„Аргумент 2019“: Државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето

Проблемот околу аерозагадувањето и мерките, увезувањето и состојбите со отпадот, непостоењето на државна акредитирана лабораторија која би била контролен механизам против загадувачите, мерните станици, постапките против „Иловица“ и отворање на нови рудници, работењето на депонијата „Дрисла“, како и (не)делувањето на институциите како компактен тим додека системот (не) функционира, беа дел темите што вчера се дискутираа на деветтото издание на „Аргумент“ во киното „Фросина“.

Младинскиот образовен форум (МОФ), кој е организатор на настанот како теза ја постави „Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето“, преку афирмативен и негациски тим.

Аргумент: Организирано изразување

Младински образовен форум (МОФ) со задоволство го најавува деветото издание на јавниот дебатен настан АРГУМЕНТ: ОРГАНИЗИРАНО ИЗРАЗУВАЊЕ.Аргумент ќе се одржи на 5 ноември (вторник) 2019, со почеток во 19 часот, во Кино Фросина, МКЦ. Оваа година МОФ ја организира дебатата во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.Тезата на која заеднички ќе дебатираме и дискутираме гласи: „ОВОЈ ДОМ ВЕРУВА ДЕКА ДРЖАВАТА (НЕ) ПРЕЗЕМА СООДВЕТНИ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЗАГАДУВАЊЕТО“.Афирмативен тим [тим кој ја поддржува тезата]:Јани Макрадули, заменик министер за животна срединаМаксим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово Горан Ангелов, директор на депонијата „Дрисла“Негациски тим (тим кој ја негира тезата):Невена Георгиевска, О2 ИницијативаАрианит Џафери, Еко герила Стојан Велков. Граѓанска иницијатива „Здрава котлина“

Posted by Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF on Tuesday, 5 November 2019

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули посочи дека во Скопје, Битола и Тетово најголем извор на загадување е домашното затоплување, потоа транспортот, трет е индустријата, а во поново време и отпадот. „Јас се сложувам дека загадувањето е најголем проблем во светот и кај нас, 391 илјади граѓани имаат прерана смрт во 28 земји членки на ЕУ“, во својот аргумент посочи Макрадули.

Заменик-министерот кажуваше мерки против загадувањето како зазеленување, смена на начинот за затоплување на јавни институции, како и најавената гасификација.

„Има загадување, тоа се гледа. Но, не се решава само со дебата, туку со директно делување“, изјави Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово, исто така дел од афирмативниот тим.

Тој наброи мерки на општиина Куманово против загадувањето. Дел од мерачите на загадувањето, тврди тој, се поставени на позиции кои даваат нереални бројки кои потоа се претставуваат сензационалистички. Според него, 18 општини заедно со Владата се стремат кон отворање фабрика за складирање отпад.

Горан Ангелов и Максим Димитриевски

„Тврдењето дека ‘Дрисла’ го загадува Скопје е неточна. Кај слаткарницата ‘Палма’ во Аеродром каде живеам, е многу позагаден воздухот отколку во ‘Дрисла’. Со ФИНКИ мериме загаденост. Наскоро апликацијата ќе биде јавна“, истакна Горан Ангелов, директор на ‘Дрисла’.

Тој се повика на здружување на капацитетите за поуспешна борба против загадувањето и посочи како депонијата „Дрисла“ одговорила на сите забелешки кои ги упатиле од Министерството.

Од негацискиот тим, Арианит Џафери од „Еко герила“ во своето излагање зборуваше за тоа дека владините мерки не стимулираат промена на подолг рок, како индустриското загадување е всушност најголемиот загадувач, а малите хидроцентали повеќе одмагаат, отколку што помагаат.

„42 отсто од државните субвенции се за малите хидроцентрали, а нивниот придонес во производство на струја е само 3%. Дали се ова потребните мерки…? Јас не верувам“, беше дел од аргументот на Џафери од „Еко герила“.

Додаде дека 33% од струјата се произведува од електраните кои прават значителна штета на природата, а само 0.4% од соларни системи.

Невена Георгиевска од „О2 Коалиција“, кажа дека најавените реформи против загадувањето воопшто не се започнати, а оние кои се започнати, вели таа, не функционираат во целост, па од 365 дена од годината, загадени се 300.

„Дури и кога се применуваат мерките кај нас нема резултат“, посочи Георгиевска од О2 Коалиција.

Меѓу другото, таа ги спомена и податоците од Европска агенција за животна средина, според кои во 2016 имало 3.580 смртни случаи, потоа дополнувајќи дека се уште нема државна акредитирана лабораторија и проблематични се повеќе нефункционални мерни станици.

Друга претставничка на О2 иницијатива, Татјана Чакулев, од публиката го праша директорот на „Дрисла“ колкав е профитот на депонијата и дали таа работи согласно А интегрираната дозвола, според која треба да се обавуваат континуираните мерења за одредени загадувачи кај стариот инсенератор (печката за согорување отпад).

На тоа Ангелов одговори дека „Дрисла“ работи со профит како и секоја фирма, но профитот го инвестирале во промени и инвестиции. Според него, се вложува во нови филтри, ваги и косини. „Дозволата се однесува на новиот инсенератор кој требаше да биде инсталиран. Тој се уште го немаме инсталирано, но поради тоа ќе го промениме начинот и ќе одиме со стерилизација и ние мериме согласно со препораките од министерството еднаш во текот на месецот, но тие не се објавени онлајн“, одговори Ангелов.

Во своето излагање, Стојан Велков од „Здрава котлина“ преку конкретни примери посочи дека катастрофално влијаат отварањето на нови и веќе постоечките рудници во Северна Македонија.

„Ние сме за да нема рудници на целата територија на државата, затоа што ефектите од загадувањето траат илјадници години, а од економски аспект нема значителен принос“, забележа Велков.

„Од правен аспект концесијата е истечена, моето прашање, но и прашањето на целиот југо-исток е кога конечно ќе се одземе концесијата за Иловица-Штука?“, запраша Велков.

„Аргумент 2019“ беше еден од низата настани со кои МОФ го одбележа своето 20-годишно постоење. Настанот беше организиран во соработка со Институтот за комуникациски студии, поддржан од Британската амбасада во Скопје, како дел од кампањата за здрава животна средина „Не игнорирај, реагирај!“.

Ивана Смилевска