Легендарна македонска рок-група „Архангел“ повторно ќе ја почести публиката со појавување на сцената. Но, овој пат култните алтернативци ќе бидат придружени од Македонската филхармонија. Концертот ќе се одржи во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ на 26 октомври и се очекува да биде своевиден рок-спектакл. Повеќе од 60 луѓе на една сцена ќе се обидат да им дадат печат на легендарните хитови на бендот.
„По концертот во 2011 година, време е најголемата македонска рок-група на сцена да доживее нешто поинакво. Нешто оригинално и уникатно. Нешто што ќе потсетува на целата кариера и на сите успеси на бендот. Во 2011 нè потсетија дека македонски подобро звучи. Годинава во мода ја враќаат љубовта. Под мотото „Љубов“, Ристо Вртев и екипата ќе ви потврдат зошто во 1993 и во 1994 година ги добија наградите за најдобри настапи во живо“, се вели во соопштението на организаторите од „План Б продукција“.