Архитекти реагираат за конкурсот за ридот Кале: Јавноста не ги виде победничките решенија

Една ваква зграда се прави за широка комуникација со светот. Таа не е забутана во балканско сокаче, ами е исправена на овој брег откаде што со еден широк поглед се опфаќа и старото и новото Скопје и широките предели наоколуОд таков дух тоа е и зачнато – од чувството за соработка и солидарност во културната акција за утврдување на човечките вредности. Како бел лебед нека се раскрилува оваа зграда на мирниот брег на градот Скопје“.

Говорот на Блаже Конески од 13 ноември 1970 година, при отворањето на Музејот на современа уметност (МСУ), деновиве повторно се актуелизираше, откако група архитекти го актуелизираа МСУ и реагираа за конкурсот за уредување на ридот Кале. Сметаат дека има некои недостатоци во процесот, па самите критики се здрави за да се зајакне соработката, но и постапките при сите идни конкурси од фелата.

Повикот на МСУ, заедно со Архитектонски факултет и „RОCK“ проект – Град Скопје, траеше од 5 април до 15 мај. Се бараше идејно архитектонско и урбанистичко решение, со цел ревитализација и просторно уредување на ридот во привлечна и вибратна градска содржина со разни културни, едукативни и рекреативни функции.

Односно, како што рекоа од МСУ, да се спречи дивеење и приватниот интерес да го „јавне“ Калето, a притоа да се подобрат условите кај Музејот и тврдината.

Архитектката Сара Симоска, учесник во конкурсот, за Радио МОФ нагласува дека три месеци поминаа од објавувањето на победниците на повикот. Тие, вели архитектката, биле објавени исклучиво на вебсајтот на МСУ, само со имиња и презимиња и шифра под која учествувале.

Дигитална фото снимка од Кале и околината на градот

Забележува, на сите останати учесници на конкурсот не им бил пратен е-маил со известување дека не освоиле награда, ниту победничките трудови беа јавно објавени за да можат и учесниците и јавноста да ги видат и да бидат информирани за составот на проектите.

„Имам учествувано на повеќе интернационални конкурси и освоено награди на повеќето. Јас сум се одлучила со моите колеги да учествувам на овој конкурс, да одвојам две до три недели од моето време за да предложам проект за подобрување на мојот град. Тоа го направиле и ред други архитекти, повеќето млади и просперитетни, исто така потрошиле околу 100 евра за уредно принтање на материјалите кои беа потребни да се приложат на конкурсот. Сите веруваа дека овој конкурс ќе биде простор каде тие можат да ги изразат своите визии за уредување на ридот Кале во нашиот град Скопје“, забележува Симоска.

Како резултат, дополнува таа, најмалку што требало да се направи е да се организира изложба каде веќе испечатените трудови од учесниците можеле да се изложат во постоечкиот простор: Музејот на современата уметност.

„Така, ќе можевме да ги видиме победниците и останатите учесници и да се отвори дискусија помеѓу граѓаните на Скопје за целиот простор, ќе се отвореа погледите за визиите и возможностите кои ридот ги нуди“, вели таа.

Понатаму, Симоска смета дека требало да се објават проектите на интернет, за граѓаните преку социјалните мрежи да ги споделуваат, да разговараат и разменуваат мислење. Ова, вели таа, се прави во сите земји, започнувајќи од околните.

„За крај, сите колеги ми велат: Сара, што си мислеше? Друг пат не учествувај. Апсолутно не е поентата јас да не учествувам, и други млади луѓе да не учествуваат. Поентата е да се промениме, да пораснеме заедно, институциите да си ги преземат одговорностите и ако се нафаќаат да организираат конкурс, тоа да го направат на највисоко ниво, како што ние пријавените сме се вклучиле на највисоко ниво во овој конкурс. Инаку нема да добиеме квалитет. Да се случеше ова во било која земја, посебно во околните, сите ќе зборуваа за тоа. Најтажно е што тука сите архитекти кои што учествувале ќутат, за да не се замерат со институцијата МСУ. Не можам да го разберам ова и жалам, најискрено“, дополнува таа.

Архитектката Емилија Ланговска нагласува дека ридот Кале за неа, како и за голем број скопјани, е локација на која се гледа со восхит, простор со огромен потенцијал и од огромно значење за самиот град.

„Незадоволството од исходот на овој конкурс од моја страна е изразено исклучиво во поглед на нетранспарентноста и нејасноста во одлуките на комисијата. Јас, а верувам дека и моите колеги-соучесници сме желни за критика и коментар, но и за можност да ги погледнеме победничките проекти“, реагира архитектката-учесник на повикот.

Нејзиното искуство покажало дека нејасни резултати, недобивање соодветен одговор, па и поништување на конкурси се мерки сосема нормални во рамките на овие простори, на кои сите се навикнати. Но сепак, вели Ланговска, тоа не го очекувала од овој конкурс.

„Навистина е жалосно локација од овој карактер да се третира на принцип – закрпување и парцијално/фрагментирано реализирање на концепти. Прицип кој е добро познат за нас, но многу понизен за простор со волкава вредност. Можеби мојот пристап е пристрасен и во голема мера емотивен (главно поради мојот интерес за оваа локација уште од детството), сепак сметам дека тврдината Кале и МСУ заслужуваат поквалитетна околина и третман“, нагласува таа за Радио МОФ.

МСУ

Потсетува – овој рид е едно пространство во кое се преплетуваат историја, култура и природа, простор кој сам по себе нуди спектакуларни погледи низ кои јасно се гледа типологијата на градот, придружени со зајдисонца од кои запира здивот, пејсажни сцени, тревни пространства и содржини од голема културна и историска вредност.

„Според мене сето ова повикува на интервенција која ќе овозможи уште повеќе активности, движење, рекреација, поврзување… на некој начин културна оаза за млади. Дали и во колкава мера победничките трудови го исполнуваат сето ова останува да се надеваме дека ќе имаме можност да дознаеме“, констатира Ланговска.

За целата ситуација до Радио МОФ реагираше и дизајнерот и архитект, Ико Илиевски. На конкурсот нема пратено труд, меѓутоа, нагласува тој, се работи за уредување на Калето кое е од јавен интерес, простор важен за целата земја.

Според него, мора да се гради доверба кон конкурс, па затоа повикот и целата постапка треба да е транспарентна. Тоа што уште не се објавени победничките решенија – за Илиевски претставува преседан.

„Не можеш да објавиш само име на проект и автор, и толку?! Треба да видиме зошто е добиено тоа место и да се видат сите решенија, сите што ги задоволиле условите. Кога ќе се разгледаат сите проекти, ќе се види дека некои идеи се преклопуваат меѓу архитектите, па ќе се направи генерална слика што е добро, како да се интервенира на тој простор. Во иднина, кога би се правел основен проект, кога би се градело, да може да се знаат придобивките од просторот. Тоа е поентата на јавниот и стручен процес“, нагласува Илиевски.

Генерално, повторува Илиевски, за секој јавен конкурс треба да има изложба.

„Кога ќе се прикажат јавно, тогаш ќе може да збориме што е добро, што е лошо. Така се прави јавна дебата, за се’, за уредување на простори. Тврдината Кале е навистина запуштена. Супер е иницијативата. Но, некако, целиот конкурс како повторно да е зад затворена врата“, забележува тој.

Архитектите, сметаат дека недостасуваат и рецензиите на трудовите, кои МСУ ги најави за 15 јуни, а потоа се одложија, со напомена дека ќе бидат објавени до 7 јули.

Според МСУ, на конкурсот се пријавиле вкупно седумнаесет (17) трудови.

Историчарот на ументност и куратор од МСУ, Зоран Петровски, кој беше и претедател на Конкурсната комисија, за Радио МОФ потенцира дека имињата на авторите и на победничките трудови и датумите на работата на Комисијата и соопштувањето на наградите, сето е објавенo на сајтот на МСУ.

„Според Општите услови, Музејот има обврска во рок од 6 месеци од објавувањето на наградите (јуни 2019) да организира изложба на која ќе бидат изложени сите пристигнати трудови. Координирајќи ги програмските и изложбени активности на МСУ, планираме изложбата да ја поставиме најверојатно во првата половина од октомври, но за точниот датум јавноста ќе биде благовремено известена“, вели тој.

Петровски нагласува дека една од примарните цели на конкурсот било токму активирањето на јавната свест за значењето и вредностите на просторот на ридот Кале и спречување на злоупотреба на тој простор за приватни интереси и неконтролирана (дива) градба. Оттаму, одржувањето на изложбата и поттикнувањето на дискусија во јавноста за потребата од внимателна грижа во урбанистичкото планирање и организирање на овој јавен простор, е нивен врвен приоритет.

Тврдината Кале

„Точно е дека најавивме дека до 7 јули ќе ги објавиме рецензиите за трудовите, иако нагласувам дека тоа не е обврска зададена со Конкурсните услови. Рецензиите за жал не бевме во состојба да ги објавиме во најавениот рок и поради тоа Комисијата реши тоа да биде сторено со отворањето на изложбата“, потенцира тој.

Дополнува, Комисијата работела во две сесии во полн состав, ги оценувала пристигнатите конкурсни трудови во повеќе елиминаторни фази, а во согласност со претходно објавените критериуми за оценување од Општите услови на расписот на Конкурсот.

„Карактерот на Конкурсот е анкетен, односно има за цел да понуди само идејни насоки за можно урбанистичко и архитектонско уредување на ридот Кале, што значи дека не ги обврзуваат градските власти овие проекти да бидат и реализирани. Од аспект на МСУ, проектот има за цел ревитализација и поквалитетно уредување на околината на МСУ и на овој јавен простор“, вели тој.

Вонредниот професор д-р Јован Ивановски од Архитектонскиот факултет, во однос на целата постапка за Конкурсот, не’ упати до страната на МСУ, како најточни и најцелосни податоци.

Што се однесува до терминот за изложбата, не’ упати повторно до распишувачот, но нагласи дека, колку што е тој информиран, таа е ставена во календарот на Музејот и во моментот се работи на нејзина подготовка.

„Заради големиот број на пристигнати трудови, како и заради заложбата на Музејот да ја постави изложбата во термин (месец) кога ќе обезбеди најсоодветен простор и привлече најголем број на посетители, јас лично не се сомневам во исправноста на одлуките кои ги носи институција од рангот на МСУ“, вели Ивановски, член на Конкурсната комисија.

Во Комисијата беше и доцент д-р Мери Батакоја од Архитектонски факултет. И таа лично ја чека изложбата, бидејќи верува дека кога ќе се случи, ќе нема дилеми – ќе биде очигледно зошто се случил изборот на победничките трудови.

„Од сите пристигнати, изборот за сведување на 4-5, од кои на крајот 3 беа наградени, воопшто не беше со кавги. Тврдам дека атмосферата беше многу професионална. Секој од нас имаше автономија да ги вреднува, да ги коментира поединечно, без никаков притисок. Ова го тврдам најодговорно. Автономија во смисла да направи потесен избор, па на крај јавно да го елаборира тоа што мисли дека треба да биде прворангирано, второрангирано, треторангирано… Во таа смисла, комисијата не беше поделена во тесниот избор. Затоа е убаво таа изложба да се случи. Зашто МСУ не најде згодно досега, дали мислеше дека тајмингот со летниот е незгоден, дали допрва ја планира, искрено – не сум запознаена“, вели Батакоја.

Додека не се објават трудовите, вели таа, ги разбира донекаде и колегите што реагирале. Затоа, смета дека изложбата ќе ги расчисти дилемите, со очигледен квалитет на решенијата.

МСУ, архивска фотографија

Инаку, во конкурсот стоеше дека ридот Кале го обележуваат две културни зданија: Средновековната тврдина – Кале и Музејот на современата уметност. Но, нагласено беше дека извонредното историско и актуелнo значење на овие две маркантни зданија за градот Скопје се во значајна мерка намалени поради долгогодишната запуштеност на пошироката локација на ридот Кале.

„Проектната задача на конкурсот е многу предизвикувачка: развој на идеен архитектонско-урбанистички проект чија основна цел е поттикнување на преобразба на просторот во градски предел со нови програмски, просторни и пејзажни квалитети. Од учесниците на конкурсот се бара да ги препознаат и претстават вредностите и потенцијалите на локацијата, како и да ги утврдат можностите и начините на кои таа би можела да привлече кон себе нови корисници, односно нови ‘жители’“, стоеше меѓудругото во повикот, составен дел од проектот „Кале, културна тврдина“.

Инаку, две рамноправи први награди од 125.000 денари се доделени за авторите Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин за трудот пријавен под шифра “SO 162“, но и на Ана РафаиловскаМарија Антиќ НиколоваЛидија Ристовска и Невенка Манчева Аџиевска, архитекти од Скопје за трудот пријавен под шифра”Modul“.

Третата награда од 50.000 денари им е доделена на Александар Врангаловски и Елеонора Поповска, архитекти од Берлин, со соработниците Лазар Лазаров и Маја Бошкович за трудот “LOG 01“.

Бојан Шашевски