Под мотото „Го сакам ГТЦ“, архитектите се обединија за спас на Градскиот трговски Центар во Скопје кој според последните планови треба да биде добие барокна фасада и три куполи, со што целосно ќе биде сменет изгледот на објектот.
Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, во петок(14 јуни) ги повикаа сите граѓани на заедничка акција и поддршка на идејата за зачувување на карактерот и духот на ГТЦ, кој според нив е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје, наше градителско, историско и културно наследство.
Според повикот, од 10 до 19 часот на западниот влез на ГТЦ ќе се собираат потписи за петиција против промена на фасадата на објектот, за во 19 часот сите насобрани симболично да го прегрнат трговскиот центар.
„Секоја несоодветна промена на ГТЦ е сквернавење и на нашите спомени и лични истории. Имаме заедничка одговорност за она што го оставаме на идните генерации. ГТЦ мора да остане отворен, проточен за пешачко движење, функционален, автентичен, градски“, стои во повикот од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.