Арно отвори повик за поддршка на здруженија и експерти за циркуларна економија

Здружението за социјални иновации Арно отвора повик за Академија за циркуларна економија. Повикот е отворен за сите здруженија кои имаат идеја за бизнис кој прави добро за природата и заедниците преку повторна употреба на материјали, превенција на отпад или има други елементи од циркуларната економија.

Апликациите треба да се поднесат најдоцна до 3 ноември со пополнување на пријава на овој линк.

Организациите кои ќе бидат избрани за учество имаат можност да добијат неповратни средства (до 8.000 евра), менторство, обуки и можност да се советуваат со експерти за изводливост/развивање на идејата. Академијата ќе трае седум месеци.

„Ги охрабруваме колегите да се вклучат, свесни сме дека темата е широка и бара многу знаење, затоа се одлучивме на формат на академија. Но, свесни сме дека организациите треба да се охрабрат за економска активност, затоа што, поддршката што пристигнува во нашиот сектор се намалува. Од друга страна, благородно е да се занимаваме со циркуларна економија, да бидеме дел од транзицијата кон добра, зелена економија,“ изјави Марјан Ицоски од АРНО.

Покрај повикот за организации, од Арно соопштуваат дека има тековен повик за експерти и соработници, на кој можат да се пријават сите со знаење од која било област на циркуларната економија.

„Си дадовме тешка задача, прво, да најдеме експерти од под-областите од циркуларна економија, затоа што не се исти, на пример, регулативите за повторна употреба на градежен материјал и храна, ниту пак лиценците за ракување со отпад и слично. Ние може
да имаме супер бизнис идеи во теорија, а во пракса да се тешко изводливи поради регулатива, цена на чинење итн. И идејата е токму таа, да ги обединиме сите со знаење, со желба за учење и да дадеме поддршка на оние бизниси што имаат потенцијал. На стотици километри од нас, во Белград, има социјално претпријатие кое успешно интегрира лица со попреченост кои рециклираат пакувања од цигари и прават хартија која се продава,“ изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Академијатасе спроведува во рамките на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија преку Програмата за поддршка на организации на граѓанското општество и медиуми во Република Северна Македонија – ИПА Програма за граѓанско
општество 2022-2023. Проектот го координира организацијата „Луѓе во потреба – ПИН“ од Чешка, во партнерство со македонските здруженија АРНО, Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) и Ековита.

Целта на проектот е да ја поддржи транзицијата кон зелена и одржлива економија преку ефикасно користење на ресурсите во Северна Македонија, зајакнување на улогата, капацитетите и отпорноста на граѓанското општество и охрабрување на младите да се вклучат во циркуларната економија, едукацијата и намалување на отпадот.